Режија: ЏУЛИ ДАШ
111’ | САД 1991
Скопје: Кино Фросина, Младински културен центар
Битола: Центар за култура – Битола
Струмица: Музеј – Струмица
„Ремек-делото на Џули Даш од 1991 година e нејзиниот прв игран филм, како и првиот американски игран филм во режија на Афроамериканка што имал широка кинодистрибуција. Филмот го најавува нејзиниот огромен талент, а со импресивноста и сложеноста на својата формална конструкција и тема, моќно ја претставува посветеността на авторката кон филмот како уметност “, пишува Шенон Кели (Shannon Kelley) за Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA).
Визуелно фасцинантното импресионистичко дело на Џули Даш се случува на почетокот на минатиот век. Едно семејство од заедницата Гулах, потомци на поробени Африканци што живеат на морските острови во Јужна Каролина и Џорџија минува низ генерациски поделби.
Исклучително филмичната и длабински обмислена лирска приказна на Џули Даш за семејната миграција, не личи на ниту една друга што авторката ја потврдува како неверојатно оригинална уметничка.
Ова исторски значајно и наградувано дело продолжува да инспирира – албумот Лимунада (Lemonade) на Бијонсе (Beyoncé) е омаж на „Ќерки на прашината“.
„Ќерки на прашината“ станува дел од Националниот филмски регистар на САД во 2004 година. Реставрираната дигитална верзија на филмот ја открива прекрасната визуелна палета: во 2016 година филмот е дигитално реставриран во 4K и повторно објавен на блуреј од новиот дистрибутер Коен филм (Cohen Film). Реставрацијата е направена во тесна соработка со Џули Даш и директорот за фотографија на филмот, светски познатиот визуелен уметник и режисер Артур Јафа (Arthur Jafa), кому „Ќерки на прашината“ му е прв проект што го снимил како директор на фотографија.
Џули Даш е американска режисерка и авторка, членка на групата Одметниците од Ел-Еј (L.A. Rebellion).
Родена е и порасната во Њујорк. Нејзиниот прв филм Илузии (1982) привлече големо внимание и имаше успех. Нејзините „Ќерки на прашината“ (1991) пак, се првиот долгометражен филм на Афроамериканка што имал широка кинодистрибуција во САД. Таа е продуцентка, сценаристка и режисерка на филмот.
Џули Даш е единствената Афроамериканка чиј игран филм е дел од Националниот филмски регистар на САД.
- Настанот е организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Носењето маски е задолжително за целото времетраење на настанот.