Промоција на книга од Павлина Атанасова
„Поезијата на Павлина Атанасова е од тие што ве тераат и вие да пишувате. Сликите создаваат слики, ритамот – ритам. Спокојно му е на читателот во нејзините соништа и во нејзините води. Сè поретко ми се случува, како што сега ми се случува, тоа што ќе го прочитам да ме остави со чувство на смисла“
‒ Ѓоко Здравески.
„Поезијата на Атанасова е тивка вода што спокојно ги слуша сите звуци на универзумот. Сеќавањата, што се наметнуваат in media res во песните од ‘Карпа во морето’, испливуваат токму од водата, доаѓаат со пладневниот дожд, кој потоа се врзува со темите на домот и на идентитетот. Тоа е моментот на мирната, тивка и сонлива доба на природата кога се размислува за саканите, за живите, за мртвите, понатаму, за среќата, за тагата, за љубовта и за надежта“
‒ Стефан Костоски.
Павлина Атанасова (1993, Штип) пишува поезија и кратки раскази.
Авторка е на стихозбирките: „Големата прегратка“ (2020, ПНВ Публикации), што беше во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ и „Карпа во морето“ (2023, ПНВ Публикации). Учествувала на „Поетска ноќ во Велестово“, на „Струшките вечери на поезијата“ и на „Скопскиот поетски фестивал“. Настапила и на неколку поетски читања низ Македонија, меѓу кои, на „Поетска епизода“ во Скопје и на „Добри гости“ во Штип. Нејзината поезија е застапена во неколку избори и зборници, а редовно се појавува и во периодиката. Нејзини песни се препеани на српски, на хрватски, на албански и на турски јазик.