„Хотел меѓу две војни“

Доделување на наградата „Пегаз“ и промоција на победничкиот роман на Александар Русјаков

Жири: проф. д-р Владимир Мартиновски, Фросина Пармаковска и Бисера Бендевска
– Промоторка: Оливера Ќорвезироска

„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

Престојувајќи во бизарен хотел, кој асоцира на задгробниот свет, но во соба со поглед на Битола, Мустафа Кемал Ататурк понира во фантазмагоричниот свет на спомените и соништата, во кој на еден непредвидлив начин се мешаат сликите од минатото и од интимната историја на протагонистите. Приказната за Мустафа и Елени е раскажана оригинално, преку калеидоскоп од сугестивни сцени, впечатливи прозни пасажи и вешто водени дијалози. Овој роман проблематизира и низа историски моменти и ликови, видени од специфичната призма на авторот, која е оригинална, темелна и извонредно визуелно ефектна. Светот што овој роман ни го претставува е раскошен, слоевит, свет што ги обединува пределите на сонот и јавето, животот и смртта, историската реалност и фикцијата. Раскрстувајќи со секаква типичност, типизираност и клишеизираност, „Хотел помеѓу две војни“ одново ги создава личните и историските вистини, играјќи си и постојано поместувајќи ги силните противречности помеѓу она што било и она што би можело да биде; помеѓу големите и малите; Истокот и Западот; слободните избори и детерминираните улоги.


Ова е трето издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности, „Славко Јаневски“.

  • Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните ковид-протокли

Галерија МКЦ