ПМГ Рекордингс Фестивал 12
ПМГ Рекордингс фестивал е годишна смотра на нашата далеку најпродуктивна дискографска куќа, ПМГ Рекордингс од Скопје, која со повеќе од 200 изданија на современа македонска музика е водечка сила на домашната сцена во последниве децении. Дванаесеттото по ред издание на фестивалот, носи наслов ГРАДОТ МЕ ТЕРА ДА ПЕАМ и изобилува со квалитетна музичка понуда. Фестивалот ќе се одржи во сабота на 8 октомври, во Младинскиот културен центар Скопје, на 2 музички подиума.
Специјални гости на фестивалот оваа година се Ниплпипл од Загреб, Хрватска, кои важат за еден од најпопуларните бендови во регионот, а нивната песна “Фрка“ е топ хит во последниве десетина години. Уникатниот сценски настап е нивно главно обележје, а скопската публика има изградено неверојатно добра комуникација со бендот.
Луфтханса е дефинитивно водечки бенд на новата генерација, кој со себе носи невидена свежина, автентичност и неисцрпни количества младешка енергија. Тие деновиве го издаваат нивниот нов албум “Давор“ за ПМГ рекордингс, а на фестивалот ќе се претстават со целовечерен концерт и тоа за прв пат во нивната кратка, но бурна кариера.
Хајка е веројатно бендот на годината. Настапија буквално на сите поважни настани низ земјата и патем ги освоија срцата на публиката. За нив се пишува, се зборува, а на ПМГ Рекордингс фестивалот во МКЦ, освен фуриозната свирка, очекуваме и промоција на нивниот нов видеоспот.
Програмата на главната бина ќе ја надополнат младите битолчани Cut Your Nipple и феноменалниот скопски електро/етно/џез-состав Кантон6.
Вториот подиум за танц, под името PMG Tanz Digital stage, ќе биде отворен во холот пред киното Фросина и ќе биде комплетно посветен на електронската музика. Настап во живо ќе забележи извонредно талентираниот кавадарчанец Зоран Веселинов, а со диџеј-сетови ќе се претстават некои од најквалитетните имиња што гравитираат околу ПМГ лејблот: Галатеа, Андреја Салпе и Виолета Качакова.
Освен на овој извонредно атрактивен фестивал, ГРАДОТ МЕ ТЕРА ДА ПЕАМ е наслов и на компилацијата, која како јубилејно 200-то издание овие денови се појави на бендкемп-страната на ПМГ Рекордингс и е достапна за слободно преземање.
Фестивалските врати се отвораат околу 20 часот вечерта на 8 октомври, а програмата ќе се одвива на два подиума сѐ до 03:00 часот.