Глава што лебди

Промоција на збирка раскази од Марија Ангеловска

Промотори: Фросина Крушкаровска и Мања Величковска
Извадоци ќе читаат: Андреј Ал-Асади и Ивана Јовановска

„Глава што лебди“ е првиот прозен ракопис на Марија Ангеловска со кој таа ја доби наградата за најдобар дебитантски ракопис „Новите!“ во 2021 година во конкуренција од 19 ракописи. Книгата се состои од четиринаесет раскази коишто, според жирито што ѝ ја додели наградата (Андреа Делипапаз, Петар Андоновски, Фросина Крушкаровска) се привлечни поради леснотијата и непретенциозноста, и возбудливи поради можноста ем за игра, ем за промислување на светот.

Ангеловска претпазливо, но смело ѕирка отаде видливото, кое постои само како една од можните димензии. И во повремените истражувања на загадочните аспекти, на болката и стравот, нејзините раскази задржуваат тон на надеж, затскриена радост и детска љубопитност. Незаобиколлив е и лесниот и шармантен хумор кој природно и навидум случајно произлегува од игривите и неочекувани пресврти. Во него најмногу можеме да ги препознаеме жителите на Скопје и предизвиците во нивното секојдневие, пренесени со автоиронија и непретенциозност.

Штом читателот ќе се раскомоти во удобноста на познатата приказна, таа ненадејно се преслекува во нешто друго. Ваквите игри Ангеловска ги прави меко и досетливо, обрнувајќи значајно внимание на психолошката градба на ликовите и на стилистичките финеси на текстот. Тоа често го прави со внесување на чудесното и фантастичното сред навидум реалистичниот текст.

Ангеловска покажува и интерес за луѓето на маргините, за чувството на оттуѓеност и неприпаѓање. Нејзините раскази говорат за поимањето на светот преку детските очи, проблемите на современиот млад човек растргнат помеѓу очекувањата на општеството и родителите, предизвиците на врските, образованието, социјално-економска ситуација, стравот од минатото и иднината, од непознатото, но и од познатото.

„Марија вешто си поигрува со концептите за стравот и страшното, јукстапозиционирајќи ги манифестациите на страшното фантастично и ужасите од реалноста во прозен контемплационен „двобој“, од кој општествено прифатените, норматизирани „нормални“, „прифатливи“ и „здрави“ појави секогаш „победуваат“ и се очудуваат како далеку поужасни од секоја наша замисла и ноќна мора. Всушност, преку сопоставувањето на ужасното секојдневно и ненадејното внесеното фантастично, Ангеловска успева да даде критика и да сузбие усвоени стратуми на нашето однесување и соживот со другите.“ – Мања Величковска


Марија Ангеловска е родена во 1994 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (настава, превод и толкување). Има предавано англиски јазик, преведувано, а повремено толкува на настани поврзани со културата во градот. Пишува проза, а понекогаш и поезија. Учествувала и објавувала раскази на конкурси во државата, а нејзини дела се застапени и во регионалната збирка „Рукописи 41“. Настапувала на Струшките вечери на поезијата и на настанот „100 илјади поети за промена“.

Плато МКЦ