Изложба на академската сликарка Весна Ничевска
Во Младинскиот културен центар ќе биде отворена самостојна изложба на академската сликарка Весна Ничевска, со наслов „Ерос и Танатос“. Ќе се претстави со 40-ина дела со фигуративна, но експресивна содржина во различни техники; туш, акварел, акрилик, пастел и комбинирана техника. Сензуалноста, еротиката и љубовта наспроти смртта и страста за живот инкорпорирани во сцени замрзнати во времето, а сепак толку живи претставени со брзи и експресивни, спонтани потези на хартија или платно.
Весна е родена 1977 во Скопје, дипломирала 2001 на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје во класата на професор Родољуб Анастасов.
Учествувала на повеќе групни изложби, стрип-фестивали, објавувана е во повеќе стрип-ревии и илустрирала повеќе детски приказни.
Изложбата ќе трае до 20 јули.
Ерос и Танатос, љубов и смрт, страст и болка, силите што го придвижуваат светот, силите на инспирацијата, волјата и ентузијазмот против непостоењето. Уметноста е тука да остави белег на кожата на голата егзистенција, на малограѓанскиот, досаден живот, белег па макар и крвав со ноктите на провокацијата. Јазикот на љубовта секој може да го разбере сѐ додека не се опира заробен во табуизираното општество, јазикот е симбол на провокација, на страст и бакнување. Во напливот на уметничката страст мојата рака се движи во брзи и експресивни потези со четката, бојата, тушот, пенкалцето, што и да е достапно во моментот, без планирање, најчесто без модели, ме води страста за живот, борбата моја против умртвувањето на сетилата, против сѐ она што нѐ заробува и нѐ прави роботизирани, апатични суштества. Работам во различни техники, пастел, акварел, туш,акрилик, комбинирани техники, најчесто во мали пристапни формати подобни за манипулација во кои било услови, услови со кои се соочувам како сиромашен уметник. Како сцени од некој стрип излегуваат страсните моменти од мојата фантазија како на лента и живеат во еден вечен момент на хартија. Како бурен карактер подложен на емотивни паѓања и издигнувања, страственоста не ми е туѓа и поради тоа не сакам да сум неискрена и да се преправам дека ме интересира да работам банални и школски теми во уметноста, импулсивноста моја е паралелно изразена и во моите дела. Сирово и страсно, експресивно, илустрација на моите состојби, мојата борба против смртта е љубовта и сексуалноста, моментите кога се чувствуваш најмногу жив. Оргазам наспроти агонија, емоција наспроти апатија, страст наспроти мртвило. Страст за живот.
FB event