„ДНЕВНА ДОЗА МАЗОХИЗАМ“

ПРЕСВРТ

Режија: Лука Ибрахим Кортина
Текст: Дина Вукелиќ

Истражувајќи ја опсесијата како генетски код врз кој се создаваат односите меѓу луѓето и опседнатоста како пракса што се артикулира во секојдневието, новиот театарски проект на Пресврт, „Дневна доза мазохизам“ го разложува човековиот емотивен распад преку конфликтот што се наоѓа во обичните ситуации. Заслепени од виртуелниот идеал, луѓето често се наоѓаат на крстопатот помеѓу тоа што е и тоа што посакуваат да биде, како што му се случува и на Тома, чие несовпаѓање со светот длабоко се истакнува преку неговата привлечност кон младата „инфлуенсерка“ Софија, која пак се бори со сопствениот наметнат калап на своите обожаватели.

Во соработка со организацијата „Ла Култура Нуова“ од Прато, Италија, режисерот Лука Кортина за претставата вели: „Театарот е интимно поврзан со суштината на бидување човек на оваа планета. Постоењето и враќањето на театарот е еднакво со постоењето и живеењето на човековиот род. Претставата за која имавме среќа и се изборивме да ја направиме е во суштина приказна за нас, луѓето, кои се прашуваме дали сакаме или не сакаме да живееме. Одговорот на животот треба да биде љубовта“.

Драмата на Вукелиќ „Дневна доза мазохизмот“ за прв пат ќе биде поставена не само во Р. С. Македонија, туку на 5 септември ја доживува и својата светска премиера. Праизведбата на овој драмски текст во нашата земја означува сериозен чекор во развојот на соработката помеѓу младите театарски работници од регионот и Европа. „Праизведбата на мојот текст „Дневна доза мазохизам“ во МКЦ е од големо значење за мене како автор, а верувам и за Пресврт, кој со овој проект отвора интресен простор на независната сцена и ги поврзува уметниците на интелектуално ниво, истражувајќи нови изрази и естетики. Се надевам дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина. Од перспектива на хрватска авторка сметам дека ни се потребни не само праизведби на современи текстови, туку и соработка со уметници од овие простори со кои делиме доволно сличности за да се испреплетат темите што нè засегаат, а и доволно различни за да учиме едни од други“- вели Дина Вукелиќ.

Играат: Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Јанка Лефкова, Димитрија Доксевски, Ава Хусеини, Ѓорѓи Јолевски, Амернис Нокшиќи
Сценографија: Мартин Манев
Костимографија: Ирина Тошева
Кореографија: Наталија Теодосиева
Превод на текст: Горјан Милошевски 
Видеопроекции: Кирил Манчевски
Продуцент: Петар Антевски
Продукција: Пресврт 

Закажани се три изведби на претставата:
– 5 септември | 19:00 (премиера)
– 6 септември | 19:00
– 7 септември | 19:00

Билетите се достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk.


*Настанот е организиран со строго почитување на актуелните ковид-протоколи


400,-

Сала 25 Мај