„Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“

ПРОМОЦИЈА НА КНИГА АВТОРСКИ КОЛУМНИ ОД ВЕСНА ДАМЧЕВСКА

Промотор: Александар Прокопиев

Книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња (културолошки ставови и искуства)“ е избор од осумдесетина авторски колумни пишувани во последниве десетина години и објавувани, главно, во рубриката „Наш став“, но и страниците за култура и прилогот „Лик“ во дневниот весник „Нова Македонија“. Преобјавени се хронолошки, од најновите до најстарите, заради подобро разбирање на некои теми што се поврзани со одредени настани и поводи.

Во фокусот на нејзиниот авторски интерес се процесите во современата култура, продукциските, консумеристичките, естетичките и политичките аспекти на културата, феминизмот и антифеминизмот, естетиката на рецепцијата, манифестациите и калкулациите со поимите на  популарното, убавото/неубавото… Иако темите опфатени во оваа книга се однесуваат на невеселата сегашност, таа не форсира одреден поглед на светот, но испраќа порака зошто уметноста и културата како документи на една временска епоха треба да се сфатат сериозно. Насловот на книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ (преземен од еден од вклучените текстови во книгата, а по повод темата на 58. Венециско биенале на уметност) е алузија на познатата англиска фраза, долго време погрешно цитирана како стара кинеска клетва, која се однесува на периодите на несигурност, кризи и превирања, на лажни вести и уништени вредности, на „интересните времиња“ какви што се овие што ги живееме денес.


Весна Дамчевска (р. 1977 година, Скопје) е новинарка, уредничка, авторка. Дипломира на Интердисциплинарните студии по новинарство на Прaвниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 2012 година магистрира на тема „Сликата на жената-уметник во биографскиот филм“ на Интердисциплинарните културолошки студии на Институтот за македонска литература.

Работела како новинарка во културните редакции на дневните весници „Македонија денес“ и „Време“, и во неделникот „Денес“. Од 2008 година работи во реоформениот прв македонски дневен весник „Нова Македонија“, а од 2010 година до денес ги уредува културната рубрика и Прилогот за култура, творештво и идеи „ЛИК“ во истиот весник. Објавува културолошки текстови и во стручни списанија и зборници, а уредничка и редакторка e на неколку прозни избори, меѓу кои се: „Бубамара на зрно калинка – 50 години Конкурс за краток расказ“ (Скопје, 2010 г.) и Монографијата за 75-годишнината од весникот „Нова Македонија“ (Скопје, 2014 г.), изданија на „НИК Нова принт“.

Плато МКЦ