БАКЛАВА

Со огромно задоволство ја најавуваме концертната промоција на новиот албум на македонската world music сензација – БАКЛАВА.
Албумот е насловен „IV“ и истот ќе биде достапен и на винилно издание, кое ќе може да го набавите на промоцијата.
Закажуваме средба на 28 февруари, во Кино Фросина во МКЦ.
Билетите по цена од 250 денари можете да ги набавите на Билетарница МКЦ или Online преку bileti.mkc.mk.
Набавете си билет навреме, втор концерт нема да има.

За новото издание, БАКЛАВА вели:
„Четворката е новиот албум!
По неколку години создавање конечно излегува четвриот албум на групата Баклава. Јубилеен со своите четири страни. Богат со 13 песни, огромна екипа, различни жанрови и е вртење сосема нова страница.
Создадовме светска музика. Вложивме многу. И мака и љубов. Сметаме дека ова е најдобриот албум што сме го направиле до сега и сме многу благодарни на сите што го градеа со нас и сите што го поддржуваа на каков било начин.
Ова ремек-дело е наше дете. Без разлика дали тоа ќе ви биде смешно или раздразливо, ние го сметаме за свое, исто како да сме го родиле. И можеме да ви порачаме, дека покрај тоа што ги сакате вашите деца, и покрај тоа што ве радуваат или нервираат додека растат, чувајте ги. Чувајте ги додека можете. Дајте им корен и дајте им крилја…
Описно, овој колоритен албум е создаван на концептот на бои. Секоја песна е посветена на конкретна боја, претставена преку музиката и стиховите. Сликата што ќе ја добиете слушајќи ги, е токму она расположение што ви ја предзвикува некоја од 13-те бои:
TURQUOISE (Тиркиз), ПУРПУРНА, CHOCOLATE (Чоколада), РУЗМАРИН, ПЕНДОЛИРА, СИНА, РУБИН, СРЕБРЕНА, СИВА, БЕЛА, НЕВЕН, ФЛАМИНГО, СЕНКА.
Пеено е претежно на македонски јазик, но тука и таму има и понекоја строфа и на турски, хрватски, влашки, латински… Музиката на скоро сите песни ја напиша Елена Христова. А стиховите Сибо. Отсвирено е на многу инструменти, а свиреа големи мајстори.
Се снимаше во различни студија: “Tralala”, “Enterprise”, “Alshar”, “Chicken Madness”… Елена, која најчесто беше и аранжер, покрај неа беа и продуцентите Мите Димовски, Тино Скендеровски, Ивица Јанкуловски, Andreas Hz, Дарко Спасовски, Горан Кан, Бојан Угриновски… Мастерингот за LP на крај го направи Мите Димовски.
Фантастичниот дизајн на омотот и целата естетика воопшто е на Нерсес Малакјан. Огромна благодарност им должиме на Арс Ламина и Берин, кои ќе застанат зад материјалното издание во облик на грамофонска плоча.
И на своите најблиски што издржаа и поддржаа.
Ова е голема тема, за да ја објасниме монохроматски. Слушајте и уживајте. Четворката не е само звук“.

Баклава:

Елена Баклава – вокали
Сибо – деф, перкусии и ел. тамбури
Дејан Теодосиевски – виолончело и пијано
Драган Стојковски – бас гитара, тамбурут и ел. тамбури
Гого Клинчаров – тамбура
Игор Стевковски – тапани
Александар Николовски – труба
Џенгиз Ибраим – канон
Петар Христов – ак. гитара, кларинет и саксофон
Трајче Ристов – тарабука
Јордан Костов – армоника
Ваљон Адеми – виолина
Тино Скендеровски – армоника и програмирање
Гордан Спасовски – пијано
Гоце Стевковски – тапани
Гоце Наумов – тапани и перкусии
Амон Мра – усна армоника
Лазе Стерјовски – армоника

Гости:

Дарко Рундек – вокал
Петар Младеновски – ел. бас и вокал
Борис Минов – ел. гитара
Александар Спасовски – труба
Симе Златков – саксофон и вокал
Бранко Илиевски – тромбон
Дарко Попов – тапани
Гоце Лалковски – скреч