АРТ-ТЕРАПИЈАТА ЗА ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ – 4

Арт-терапијата го користи уметничкиот медиум како примарен начин на комуникација и ги комбинира различните креативни техники од ликовна, музичка, драмска терапија, терапија со движење, семејна терапија итн.
Уметноста овозможува учење преку активности што го охрабруваат и олеснуваат едукативниот и социјалниот развој. Арт-терапијата овозможува поголем степен на самоспознавање и креативност, како кај типичните деца, така и кај децата со попреченост во развојот.
Преку работилниците на арт-терапија имаме за цел детето да дознае повеќе за своето минато, да ги увиди предметите, музиката, носиите од тоа време и да му се помогне да учествува во изработка на дел од нив.
Со оваа техника на работа кај децата ќе влијаеме да го задржиме вниманието при работата, ќе го развиеме интересот кон нови нешта, ќе ја подобриме фината моторика како и трпеливоста и истрајноста во работата. Најважното од сѐ, ќе делуваме врз можноста на професионална ориентација, каде што во иднина може и ќе им биде професионална определба, а со тоа нема да бидат општествен терет, туку рамноправно ќе придонесуваат во општеството. Како краен продукт е најважниот психолошки елемент: задоволство од изработеното.
Работилниците ќе се одржуваат во ДКЦ при МКЦ, 5 пати во времетраење од 2 часа секоја работилница.

Учесници на оваа (четврта по ред) работилница ќе бидат дечиња со посебни потреби од Скопје.

На 1.6.2020, понеделник во 14 часот ќе се одржи четвртата работилница од проектот, која ќе биде со наслов: Македонски народни носии.
Работилницата ќе се одржи во просториите на ДКЦ при МКЦ.
Децата освен што ќе се запознаат со народните носии во Македонија, ќе ги воведеме во начинот на изработка на истите, каде што главен акцент ќе ставиме на украсите и материјалите од кои е изработена носијата (волна, коноп, памук, свила).
Потоа секое дете ќе бои веќе подготвена слика, ( машка и женска носија) и ја украсува со помош на монистри, украсни конци, бисери, срма, волница, коноп. Во позадината постојано се слуша традиционална македонска етно-музика.
На овој начин сакаме децата со посебни потреби да се дружат, да креираат, да ја запознаваат својата историска вредност, како и најглавниот елемент – да бидат задоволни од својата креација, која може во иднина ќе поттикне некои убави нешта.

ДКЦ fb >

 

ДКЦ