30 години Канал 103

Официјално илегални, квалитетно проветрени и полни со ентузијазам, 103-ка ве кани на својата целовечерна роденденска прослава.

  • Lelee, Shock Troopers, Perija, Светлост, Тодор Караколев, Lufthansa, Blaž
  • „Момент документ“ – Промоција на фотомонографија на Зденко Петровски

LELEE е словенечко разиграно инди/пост-панк трио, совршен пример на мултикултурно поврзување меѓу балканските музичари од Вардар (Драгор во случајов) до Триглав. Бендот е составен од Јелена Русјан (Borghesia, TRUS!) – вокал и бас, Македонецот Дамјан Маневски (Rush to Relax, Molokai) – вокал и гитара и словенечкиот тапанар Јан Кмет (balans, Kalu). Иако постојат релативно кратко време, брзо се врежаа во свеста на алтернативната јавност преку возбудливиот инди-гитарски звук, придружен со машко-женски вокали на српски и македонски јазик. Дебитантскиот албум, „Čuka bije pumpa“ (Moonlee Records, Ill in the Head Records, 2021) претставува ударно женско-машко повеќегласие на различни јазици, кое лесно се всадува во срцата на слушaтелите.


SHOCK TROOPERS се скопско-кочанска комбинација формирана во 2007. Свират метализиран crust/hardcore. Зад себе ги имаат албумите „Лешинари“ (CD 2014) и „Глуво доба“ (LP 2019), како и две европски турнеи и еден куп концерти низ Македонија.
Во состав: Иван Јованов, Кирил Манчевски, Виктор Андоновски, Владимир Петковиќ, Драган Теодосиев.


PERIJA е уникатно музичко доживување. Песни испеани на повеќе јазици, отсвирени на инструменти од повеќе традиции (уд, тамбура, бендир и ќемане). Музичката инспирација на оваа четворка (Катерина Димитровска, Леа Милиновиќ, Деа Плевнеш, Огнен Златанов) е во балканските традиции под силно влијание на музиката на ориентот. Сепак, современиот, стилизиран израз ги прави уникатни во нивната мисија да го реконструираат културното минато преку стари песни и приказни за љубовта и страдањето.


СВЕТЛОСТ се Кристијан Новковски, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски. СВЕТЛОСТ се бескомпромисно слободен џез-панк. Како трио издаваат два албуми „Jazz (to the working class)“ и „Six Years“ (обата 2020 за PMGJAZZ). Нивното дебитантско остварување „Odron Ritual Orchestra“ снимено во проширен 11-член ансамбл е сместено меѓу најдобрите за 2019 од страна на платформата Bandcamp (меѓу другите).


ТОДОР КАРАКОЛЕВ движи низ повеќе електронски жанрови, ама секогаш движи опасно! Прави силно емотивна, но игрива музика, со секогаш луцидни текстови и суптилен шарм. Поп за XXI век.


BLAŽ е мултимедијален уметник од Изола, Словенија. Музика создава на синтесајзери и ја нарекува strange-hop – по нашки: електроника + минималистички инструментален хип-хоп. Од 2021 настапува со LELEE, и е гостин на нивниот прв официјален сингл „Копнеж“.


LUFTHANSA се новата надеж на автентичниот македонски рокенрол. Свират и пеат Андреј Димовски, Раде Биковски, Виктор Стојановски, Лука Јованоски, Иво Николовски и Мартин Џорлев. Нивниот настап е концертна промоција на касетата „Demo Tape I“, лимитиран тираж во издание на Стотројка.


ЗДЕНКО ПЕТРОВСКИ „Момент документ“ – Сликовница со ликови и настани одржани во Скопје 2007 – 2020 (МКЦ, 2021). Зденко Петровски е нашиот пријател од соседното студио, своевиден ангел-чувар на Стотројка. Зденко страсно и посветено ја живее фотографијата и музиката. „Момент документ“ e импресивна фотографска монографија за музичката сцена во Скопје во изминатите 15-тина години. Почестени сме што е дел од нашата прослава.


  • Настанот ќе се реализира согласно актуелните протоколи за организирање настани