Поздрав друштво,

Како сме? :)

Бидејќи МКЦ како објект тоне 7 cm годишно поради подземните води на Вардар, ние секоја измината година ја славиме како „заокружена бројка за иднината“. Така што, џабе ви е, во мода сме пред вас.

Многу ни е мило дека 2016-та одбројува ситно, а извадени сме од памет што ќе ни донесе 2017-та. Супер, значи – журка.

Годинава почна со РОДЕНДЕНОТ на кој се потсетивме на творештвото на еден од највлијателните македонски бендови – Падот на Византија. Благодарност до Фрешко за идејата, до бендовите за учеството, до публиката за атмосферата. Потоа следеше ЗЕМЈОТРЕС (пак, во мода пред вистинскиот земјотрес, н.з.) организиран од независните музички издавачи со преполн МКЦ млади луѓе. Благодариме од срце.

Следеше концерт на DARKWOOD DUB, изложба на графики од ПАБЛО ПИКАСО, концерти на BERNAYS PROPAGANDA во Фросина. Се сеќавате на тоа? Ние сè уште, бидејќи беше трансцендентално искуство. Закован за столче, а ти се игра. Слушаш, и мачно ти е да зборуваш.

Во киното со најнесреќното име на светот – Градско кино Милениум, доживеавме премиера на филмот ЏГАН на нашиот другар Вардан. Браво Вардан! За 25 години КАНАЛ 103, омиленото скопско радио ги донесе PSYCHIC TV, фантастичен концерт. Genesis P-Orridge, секогаш занос(ен/на). Браво за стотројка, што ја одржува независноста на Македонија.

На 4-ти јуни се испотивме за ЗДРАВО МЛАДИ #6. Со пригодна музичка точка нè почестија Lee Ranaldo од Sonic Youth, Moon Duo од омилениот Земјин сателит, Liima од скандинавските пасишта, Легијата или 02 од скопската аеросмеса, Föllakzoid од егзотичното Чиле, Tajçido за полесна двојазичност, DJ Fitz за да се допиеме. Со СКОПЈЕ ЗА БОУВИ во Градски парк, ја завршивме нашата школска година. Концертот на Македонска филхармонија му пренесе дека Скопје е Боуви.

На 41. издание (да, ЧЕТИРИЕСЕТИПРВО) на МОТ успеавме да го донесеме Томас Остермајер. Бидејќи обожаваме компаративни позиции, тоа ти е како да си го донел Гај Ричи (без Мадона). Башка си личат (не со Мадона, де). Имавме петнаесетина театри од секое ќоше на Европа, се надеваме дека уште еднаш го оправдавме името на фестивалот – Млад, Отворен за сите, ТЕАТАР.

Групата ЗЕРО, кои во осумдесеттите години го потпишаа МКЦ, во септември го заверија својот потпис, и тоа не кај Маре секретарката (кој бил, знае!) туку на западниот ѕид на МКЦ. Скопје има нов мурал, од култните сликарски легенди, за што може да се пофалиме дека додадовме боја и форма на новото скопско белило. Во “back – to – back” битка, достојно се избори и новата генерација македонски уметници на кои им припадна северната трибина. Нивниот мурал пак, го бележи новиот МКЦ.

На БЕЛА НОЌ успеавме да донесеме дел од уметноста на најголемите американски поп-арт уметници – Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Енди Ворхол, Том Веселман и Џејмс Розенквист со повеќе од 100 нивни графички дела распрснати низ галериите и музеите на Скопје.

На петнаесеттиот CINEDAYS срушивме со филмови и концерти, а музички нè затвори Хобитот, или во приватен живот познат како Елајџа Вуд.

Бевме домаќини на Оффест, Паратисима, Џез Фестивал, нè снајдоа три таксирати – SMUT, Tuxedomoon и Morcheeba, имаме нова колешка – Тина, и нов колега – Трипе (поздрав), нови две бебиња, ново кафе на тендер. Се извинуваме на сите што нѐ чекавте за исплаќање, на сите грешки намерни и ненамерни, на сите експерти за звук кога се работи за концерти во сала „25-ти Мај“. Фала ти Мирко, Логин, Беолопета, екипата на Десонанз, екипата на Пасворд, проф. Вецовски, проф. Јован, Васко, Дени, Влатко Галевски, Ѓорѓи Јаневски, Зиле, Зарапчиев, нај женските од Прво па Женско, Скопје филм фестивал, Нина Николиќ, бате-бате…

Не можеме да ви објасниме колку сме благодарни за вашата поддршка.

Тераме, или што би рекле нашите од градски дувачки – ТЕКИЛА!

Да го поздравиш,
МКЦ.