ЗА ОБРАТНОСТА

Животот е невозможен без својата спротивност, без својата внатрешна парадоксална обратност, без инверзија. Хуморот е невозможен без разорниот обрт на крајот на вицот. Така се обновува животот. Фениксот се крева од пепелта. Сите диктатури грешат на оваа фундаментална точка. Го укинуваат хуморот и така го укинуваат крвотокот, го загрозуваат животниот процес, воведуваат некроза.

Опасно е кога стеблото сака да го укине коренот, синот таткото, последицата причината. Сѐ што се потиснува само се подготвува за идна експлозија. Моќта која не може да ја издржи својата сопствена внатрешна спротивност е осудена на пропаст. Неопходно е да се чуе обратниот, внатрешен глас кој укорува, моралниот императив кој бара небесна рамнотежа во нашите земски потфати. Моќта без морален компас е погубна.

Обратноста е природна како вољата за живот. Слободата мами во обратност. Во постојано преиспитување на границите. Животот е полн само ако во себе ја содржи својата негација. Вечноста има смисла само во однос на минливоста. Оној што заминува од дома, не заминува за да и сврти грб на татковината, туку затоа што смета дека ја носи домата во себе, дека таа е во него, дека е содржана во патувањето.

Детото е плод на љубов, рожба која не ги исклучува родителите, туку ја претставува нивната трета страна, страната на животот. Децата природно се делат од родителите не за да ги напуштаат, туку за да ги потврдат, за да имаат свои деца. Детето органски расте контра родителите, ученикот контра учителите, младоста контра староста, пролетта контра зимата. Така се расте.

Уметникот природно се конфронтира со својата култура, со својата традиција, со себе самиот. Сѐ е во постојано премерување и надминување. Во културен натпревар. Единственото нешто кое нема обратност е смртта. Само таа има сингуларност на црна дупка.