Драги пријател(к)и,

Би сакале да ве известиме и охрабриме да се приклучите кон уште една идеја на Младинскиот културен центар, која е во насока на промовирање ликовни уметници од помладата генерација.

Врз основа на програмата за ликовна дејност, ЈУ Младински културен центар објавува КОНКУРС ЗА САМОСТОЈНА ИЛИ ГРУПНА ИЗЛОЖБА, изложби што ќе се реализираат во втората половина на 2019 година.

Планирано е да бидат реализирани 8 изложби, логистички поддржани од МКЦ, за кои ќе биде испечатен соодветен каталог. Средствата за овој проект се обезбедени од Град Скопје.

Изборот на автори ќе го изврши комисија формирана од Младинскиот културен центар и Град Скопје.

Пишете ни на info@mkc.mk со назнака КОНКУРС ЗА САМОСТОЈНА ИЛИ ГРУПНА ИЗЛОЖБА и испратете ни куса биографија, фотографии од вашите дела (линк до инстаграм профили, фб страници или интернет страници на кои се претставени вашите дела).

Право на учество на конкурсот имаат сите заинтересирани ликовни автори на возраст до 35 години.

Конкурсот трае до 1 мај.