„CINEDAYS“, кој лани стана единствениот фестивал од Б-категорија во земјава, годинава има буџет од 3 милиони денари од Агенцијата за филм, 1 мил. денари помалку од лани

Само 3 милиони денари поддршка ќе добие Фестивалот на европскиот филм „CINEDAYS“, единствениот фестивал од Б-категорија во земјава. Агенцијата за филм денеска ги објави резултатите од конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност.

Во две последователни години „CINEDAYS“, кој 17-та година го организира Младинскиот културен центар, добива 2 милиона денари помалку од државата. Фестивалот, кој се издвојува од повеќето во Македонија според квалитетот и постојаниот раст, и годинава доби шлаканица, откако едвај закрепна од шокот кога 1 милион денари му беа скратени и во 2018 година.
Додека од МКЦ велат дека се чувствуваат како да се казнети, од Агенцијата за филм објаснуваат дека во одлуката нема никаква тенденција и дека намалениот буџет за филмска дејност е причина што речиси сите филмски манифестации, освен „Браќа Манаки“, добиле помалку пари.

Директорот на „CINEDAYS“, Русе Арсов, вели дека е шокиран:
- Ова е голем удар за нас. Ќе се жалиме во Агенцијата иако и лани го направивме истото, без резултат. Нашиот тим е демотивиран. Ако вака се „наградуваат“ тие што добро работат, тогаш се поставува прашањето дали воопшто на оваа држава ѝ треба „CINEDAYS“. Минатата година МКЦ реализира два други европски проекти. Како да ги наградиме и мотивираме луѓето да работат повеќе од вообичаено? Зошто некој да се мачи да работи повеќе од просечно? Минатата година бевме и категоризирани, односно станавме фестивал од Б-категорија, единствен во земјава, ама очигледно и тоа не е важно – вели Арсов.

Три милиони денари од државата доби и Тетова интернационал филм фестивал – ОДА, кој годинава ќе го има осмото издание.
- Намалувањето е поради намалениот буџет. Само кај „Браќа Манаки“ имаме зголемување на буџетот (за 1,5 милион денари, односно вкупно 9,5 мил. денари), затоа што годинава одбележува јубилеј од 40 години. „CINEDAYS“ е фестивал што има и други извори на финансии, Градот, европски пари, МКЦ заработува од продажба на влезници, од продажба на филмовите и затоа ценевме дека ним не им треба поголема помош. ОДА се реализира во 12 града во земјава и е единствен фестивал поддржан од Агенцијата на албански јазик. Најголем проблем е што буџетот ни е многу намален, а имаме речиси 90 филма што не се доплатени од претходната власт – објаснува Тозија.

Членови на Управниот одбор на Агенцијата за филм, кои ги назначува Владата, се: Александар Касапинов, претседател, Ацо Дуковски, Блерим Османи, Бојан Лазаровски, Георги Трајчев, членови.
Буџетот за филмска дејност годинава изнесува 170 милиони денари.

Сребра Ѓорѓијевска

* Текстот е преземен од www.fakulteti.mk