Книжевно обесуење со Владимир Јанковски

Домаќинот Иван Шопов, ќе го тормози гостинот со тешки прашања на тема: неговите романи „Вечно сегашно време“ и „Невидливи љубови“, интересот за фотографијата и филмот, третирањето на градот и љубовта во неговите книги, како и со други непристојни прашања. Ќе се читаат и извадоци од старите добри хитови, а ќе се подраспрашаме и дали се крчкаат нови.
За да не плачат дека нема демократија, и присутните во публиката ќе добијат можност да му поставуваат прашања на Владимир Јанковски, а тој сериозно и исцрпно ќе одговори на истите.
На крајот на ова „обесуење“ е предвидено уфилмување – проекција на краток филм по избор на гостинот. Насловот на филмот е изненадување и во моментов се чува како државна тајна.

Ако некој сѐ уште не ги знае сите био-библиографски детали за Владимир Јанковски, може да ги прочита подолу. За домаќинот не наведуваме посебни биографски податоци, зашто во случајов и не е толку битен.
Владимир Јанковски (1977) е писател, преведувач и уредник. Ги има објавено книгите: „Невидливи љубови“ (роман, 2015, награда „Рациново признание“ и македонски кандидат на наградата „Балканика“) „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), Лицата на невидливиот град (2010, фото-есеи, во соработка со Иван Блажев), „Скопје со широко отворени очи (2008, фото-есеј, во соработка со Иван Блажев) и „Огледало за загатката – разговори со Влада Урошевиќ“ (2003).

*Владимир ќе зборува бeспрекорно литературно, се надеваме дека ќе му избега некоја акцентска целост ;)

Се гледаме на Жив ѕид!

Сподели