Осмото издание на веќе традиционалниот мултимедијален спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“, годинава ќе се одржи на 23 јуни (ВТОРНИК) повторно во Градскиот парк со почеток во 21 часот.

Овој пат, организаторите на настанот, Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар, ќе го претстават фасцинантниот проект „Бродвеј под ѕвездите“ кој во една вечер ќе ги донесе вокалните и инструменталоните хитови од најпознатите филмувани мјузикли, како „Валкан танц“, „Телохранител“, „Чикаго“, „Волшебникот од Оз“, „Кралот и Јас“, „Ох, Кеј“, „Мала ноќна музика“, композиции кои одамна се сметаат за џез-стандарди на големите музички мајстори како Гершвин, Роџерс, Арлен, Хамерстајн или Сандхајм. Публиката ќе има можност да ги слушне и увертирите „Кандид“ на Бернштајн и „Смешно лице“ на Гершвин, како и еден симпатичен сплет од најпознатите хитови на легендарната шведска поп група „Аба“.

Македонската филхармонија ќе настапи под диригентство на маестро Борјан Цанев, додека солист на концертот е популарната вокалистка Сара Костадиновска која музичката публика ја познава како Сара Мејс.

Следејќи ја традицијата, и овој пат на огромни платна покрај сцената инспирацијата од музиката ќе ја пренесат двајца ликовни уметници. Годинава честа за тоа им припадна на сликарите Милан Андов и Стојан Ѓуриќ.

На настанот ќе бидат поделени и 20 илјади примероци од книгата „Фигури“ од новелистот и поет, Јан Неруда, еден од најистакнатите ликови во литературните кругови во Чешка во втората половина на 19.век.

 

 

Сподели