Кристина Божурска дипломира сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, на Инститот за педагогија во Скопје ги завршува педагошко-психолошките доквалификации, a  во 2017 магистрира на Институтот за културолошки студии, Скопје, со фокус на социјална уметничка пракса. Во своите дела користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социо-политичкиот контекст на денешнината, каде што преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира и ги прави видливи проблемите од локалниот наратив. Имала самостојни изложби во Бјаред, Шведска; Скопје, Берлин и Куманово и учествува на бројни групни изложби и видеофестивали во земјата и странство. Остварила студиски престој во ISCP New York и добива стипендија за учество во работилницата Arte Utile на Тања Бругера, на Летната Уметничка Академија во Салзбург во 2013. Има освоено неколку награди: Универзитетска награда за најдобро дипломиран студент (2007/2008), Најдобро видео во категоријата “Нано минута” на Меѓународниот видеофестивал во Бразил (2008); (YVAA) “Денес”, наградата за млад уметник за 2010 година и  BuzArt  награда на уметничката резиденција “Togetherness” во Тирана, доделена од Швајцарски фонд за култура во Албанија и галерија Кало. Во моментов предава ликовна уметност во Интернационалното Училиште QSI, Скопје.

Извадок од Феминизам за 99 % Манифест (Чинциа Аруза, Тити Батакарја, Ненси Фрејзер)

Теза 2-ра: Либералниот феминизам пропадна. Време е да продолжиме понатаму

Мејнстрим медиумите и понатаму го изедначуваат феминизамот со либералниот феминизам. Но не само што либералниот феминизам не нуди решенија, туку тој е дел од проблемот. Централизиран во глобалниот север, низ професионално- менаџерскиот општествен слој, тој се стреми кон „наметнување“ и „пробивање на стаклениот таван“.
* Посветен на тоа да им овозможи на грст привилегирани жени да се искачуваат по корпоративната скала и воената хиреархија, тој нуди идеја за еднаквост што треба да продава, а истата беспрекорно се надоврзува на доминантниот корпорациски ентузијазам за „разноликост“. Иако ја куди „дискриминацијата“ и ја застапува „слободата на избор“, либералниот феминизам цврсто одбива да ги истакне социоекономските ограничувања што ги лишат мнозинството жени од слобода и омоќување. Неговата главна цел не е еднаквост, туку меритократија. Наместо да се стреми кон ништење на социјалната хиреархија, тој се труди да ги разноличи омоќените, талентирани жени на патот до врвот. Третирајќи ги жените само како „недоволно застапена група“, неговите поборници го истакнуваат уверувањето дека неколку привилегирани души можат да „добијат позиција“ и да застанат рамо до рамо со мажите од нивната класа. По дефиниција, главните уживатели на ова се оние што веќе ги користат очигледните општествени, културни и економски придобивки. Останатите остануваат заглавени долу во подрумот.

Како совршен спој со брзорастечката нееднаквост, либералниот феминизам го екстернализира угнетувањето. Им дозволува на професионалните менаџерки да се наметнат (lean in) откако ќе се потпрат (lean on) на слабо платените мигрантки, кои им ги вршат домашните работи и обврски. Безобзирен кон класното и расното прашање, ваквиот феминизам ја поврзува каузата со елитизмот и индивидуализмот. Претставувајќи го феминизмот како некакво засебно „движење“, нѐ насочува кон политиките што му штетат на мнозинството и нѐ отргнуваат од борбата против тие политики. Накратко, феминизмот го бие лош глас поради либералниот феминизам.

Етосот на либералниот феминизам се совпаѓа не само со корпоративниот модус вивенди, туку и со наводно „трансгресивните“ струи на неолибералната култура. Неговото идеализирање на индивидуалниот напредок владее и во светот на славните личности од социјалните медиуми, прикажувајќи лажна слика за феминизмот преку напредокот на само неколку жени. Во тој свет, „феминизам“ значи ризик истиот да се претвори во актуелен хаштаг и средство за себе-промоција, радо устремено кон величење на неколку души отколку кон ослободување на мнозинството.

Во тој случај, либералниот феминизам е совршено алиби за неолиберализам. Прекривајќи ги регресивните политики со глазура од еманципација, тој им овозможува на силите што го поддржуваат глобалниот капитал да се претставуваат себеси како „прогресивни“. Здружен со глобалните финансии во САД, додека овозможува покритие за исламофобијата низ Европа, ова е феминизмот на женските моќници: корпоративните гуруа кои проповедаат „наметнување“, фемократките кои го принудуваат глобалниот југ на микрокредитирање и структурални прилагодувања, како и професионалните политичарки во мажествени костуми кои таманат шестоцифрени хонорари за говорите кои ги држат на Вол Стрит.

Нашиот одговор на феминизмот со „наметнување“ е феминизам со „пружање отпор“. Немаме зошто да го пробиваме стаклениот таван ако го оставаме мнозинството да ги измете срчите. Не само што не сакаме да ги величиме жените кои се главни извршни директорки закотвени во ексклузивни канцеларии туку сакаме да се ослободиме од главните извршни директор(к)и и ексклузивните канцеларии.

*заб.на прев.- пробивање на стаклениот таван (eng. breaking the glass ceiling) е идиом од поновата феминистичка теорија, кој се однесува на невидливите бариери што го оневозможуваат напредокот на жените (и малцинствата) во општествените хиреархиски системи.

Превод од англиски јазик: Магда Ориѓанска

Сподели