Оваа година Таксират полни 16 години. Роденденот ќе го слави повеќе пати, со неколку промотивни настани и финална забава стандардно во декември.

На 1. oктомври во киното Фросина во Младинскиот културен центар ќе гостуваат канадскиот инди поп бенд The Hidden Cameras. Предводени од уникатниот Џоел Гиб, The Hidden Cameras испишуваат забележлива дискографија, но и пружаат енергични концертни настапи. Уште од нивните први чекори во почетокот на 2000ите години го привлекуваат вниманието со нивните уникатни настапи по различни уметнички галерии, цркви, порно театри, паркови итн. Култната англиска дискографска куќа Rough Trade (Arcade Fire, Belle and Sebastian, Destroyer, My Morning Jacket, Antony and the Johnsons, Pantha du Prince, The Strokes итн) го забележува нивниот потенцијал и ги потпишува. Истото го прави и реномираната канадската Arts and Crafts (Feist, Broken Social Scene, Phoenix, Stephen Malkmus and the Jicks итн).

Со пет албуми зад себе (Ecce Homo (2001), The Smell of Our Own (2003), Mississauga Goddam (2004), Awoo (2006), Origin:Orphan (2009), оваа година се враќаат со нивното најдобро издание според критиките насловено Age. Во концертната промоција на актуелниот албум ќе биде опфатено и Скопје. Како локална поддршка ќе настапат модерните тетовчани Skyrise кои ќе го презентираат материјалот од нивниот деби албум кој ќе се појави наскоро.

Влезниците, во строго ограничен број, се веќе пуштени во продажба, по популарна цена од 200 денари (на врата 250 денари) во продажната мрежа на МК Тикетс.

Сподели