Отворена прозивка до сите играчи од градот! На 25 декември да ги понесат своите колкови и насмевки и да ги стават во оптек со што би се приклучиле на моќниот љубовен сервер при Денсинг хол, МКЦ. Oвој пат, ќе стоиме под чадорот на „Што се тресе во Младински културен центар?“, настан овозможен од нашето три-лично чудовиште/мис на светот Дора-Теа-Веда + група креативци (бендови, идеолози, хостелиери, двојници, стројници и листата продолжува долго/бескраја!) Покрај основата цел, која бездруго стреми кон тоа пријатно да ве растресе, настанот нуди мало богатство од комплементарни искуства и потенцијална корист. Со партиципирање, си обезбедувате повеќечасовна бура на идеи поддржани од видеопроекции, концептуална изложба на дела во склоп на основната сценографија (благорадиме ИВАНА ПИРКОВСКА), а тоа се бендовите и нашиот музички селектор ДРАГИ ИВАНОВ, кој специјално за вас ќе долета од елитниот расадник на музика во смисла на едукација: Berklee college of music! Неговото интро, на чие обезбедување сме исклучитено горди, треба да функционира како звучен аперитив за АСТЕРОИД. Зборуваме за фотогенична бенд-збирштина од момци и девојки базирани во скопските гимназии. Полни потенцијали, алудираат на свежина, на Албер Ками, на пролет/полет и секогаш и недвосмислено Со љубов. На сцената следат трескабилните PLUTO’S DOUBTS! Бендот што оваа есен „клизна“ како овошен бокал во радиобрановите, бендот што ги заинтересира девојките да научат што значи „аршин“ (и со тоа секако придонесе кон збогатување на речникот помеѓу младата популација), бендот што е бенд и е опасно во тренд. А нив, на сцена ќе ги наследат искусните мелодиски волци, ги викаат ФАНК ШУИ, така и се потпишуваат. Еден час ќе ве тресат, интензивно, на моменти дури грубо, за во наредниот да ве спрегнат на Малото крило на Г.Г. Хендрикс. Со два албуми зад себе и концепт за одржлива треска пред себе, ако до сега не сте им дозволиле да ве поведат, ова е супер прилика и„ задње“ време! Но, што по нив? Треската оди нагоре и нагоре, на микрофонот ќе стапат последните Чистачи од култната Околина! За нив нема збор, оти се почеток на нашиот збор, за да го избегнеме парадоксот најавувајќи ги, го предлагам следниов концепт: затвори очи/затвори уши и за момент проектирај се во трескавична толпа носена од Јас сум шеф, Ѕвонарот на дикцијата, Пуздер, Нешто блиску до реума… Исклучително сме возбудени и за нас овој предлог-концепт опасно функционира! Одржувајќи го принципот на растечка атмосфера, дома ќе ве испратат сензационалните FOOLISH GREEN, кои ја освежија сценава на само ним својствен начин и ги возубдија ушните тапанчиња по разни основи, а градот е во љубов со нив и тоа денес го знаат сите градски птици на сите градски гранки. Нашиот омилен сегмент од настанов ви нуди нешто непристојно добро. Како ви звучи да испратите CV, а влезот да биде „гага“? Трескавично? Додека дружите со вашите омилени субјекти од различен тип, ние ги собираме вашите професионални референци и ги дистрибуираме до дата-базата на некои од најголемите компании од повеќе сектори ака поддржувачите на овој настан. Влез во предпродажба значи 150 денари, а на врата 200 денари. И доколку сето ова не ве провоцира, наредниот настан би бил конципиран околу плетки, клопчиња и гоблени. Но доколку сте млади и ви врие, доколку љубовта е ваша религија и фанатично верувате во The big spaghetti monster… нека „Што се тресе во МКЦ?“ биде трик прашање, а вие наши и свои гости. 25 ДЕКЕМВРИ, МКЦ(Денсинг сала)!

Сподели