Вајарското дело или скулптурата како дел од вајарскиот израз во себе содржи форма, текстура, линија и ги обединува другите ликовни елементи како еден специфичен тродимензионален израз, кој кореспондира со просторот. Скулптурата како уметничко дело може да се третира само доколку во себе содржи уметнички изразни елементи и вредности. Од праисторијата до денес скулптурата е составен сегмент на секое општество. Сфаќањата за тоа што е скулптура се многу различни. Скулптура е уметнички израз, кој го забележуваме низ целата историја на уметност до денес. Современите тенденции ги поместија сфаќањата за тоа што е скулптурата како уметничко дело со сите карактеристики на вајарското изразување.

Уметничката скулптура во нашата држава се карактеризира со традиционален пристап, но со модерен и современ израз, реализирани како отворени форми, затворени, перфорирани од камен, дрво, глина, метал и други материјали.

Изложбата „Современа скулптура“ по подолг период се реобновува како изложба во рамките на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Во минатото се реализирани изложби насловени како „Современа македонска скулптура“, ситна пластика, а денес е „Современа скулптура – ДЛУМ“. Возобновувајќи ја оваа изложба не можевме да не се потсетиме на оние вајари што имаат оставено огромна трага во ликовната уметност на нашето поднебје: Димо Тодоровски, Јордан Грабул, Петар Хаџи Бошков, Томе Серафимовски и Боро Митриќески, кои за жал не се повеќе меѓу нас.
Изложбата „Современа скулптура“ е под покровителство на семејството на академик Боро Митриќески, а наградата за скулптура што ќе се додели на изложбата, го носи неговото име.
Филип Фидановски - Претседател на ДЛУМ

Учесници на изложбата:
Александар Ефтимовски, Александар Ивановски Карадаре, Ана Димевска Семенпеева, Анѓел Димовски – Чауш, Ангел Коруновски, Андреј Митевски, Ангел Нацевски, Васил Василев, Гордана Хаџи Николова, Драган Попоски – Дада, Жарко Башески, Златко Бојковски, Илија Аџиевски, Јовица Мијалковиќ, Катерина Таневска, Љупчо Бојаров, Никола Смилков, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Симон Шемов, Слободан Милошески, Сокол Цварку, Соња Поповска Трајковска, Филип Фидановски

Сподели