Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки “Сонот на облачето” годинава ќе го доживее своето 7-мо издание во периодот од 25-ти до 27-ми ноември на Сцената Фросина во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје.
Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, фестивалот “Сонот на облачето” успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика.

На првата фестивалска вечер, нa 25-ти ноември, со почеток од 19:30 часот, пред аудиториумот ќе се претстават Luz Micro Y Punto од Шпанија со претставата „Светлосни години” – уникатна претстава која и’ дозволува на публиката да ѕирне подлабоко во играта со сенки поставувајќи ја сценографијата пред белото платно. „Светлосни години” е приказна за сонот, за копнежот и за нераскинливото другарство помеѓу една дрвена марионетка и синото јајце, сето тоа проследено со изведба на музика во живо.
Во продолжение на фестивалското издание, на 26-ти ноември, со почеток од 18 часот, најпрво ќе биде прикажан анимираниот филм со сенки “Црна школа” – проект на младиот Фабијан Штроебер од Германија, кој по проекцијата ќе одржи презентација за креативниот процес на изработка на анимацијата. Веднаш потоа, со почеток од 19:30ч по втор пат во Скопје гостуваат Cia Quase Cinema од Бразил, овој пат со нивната најнова претстава “Циркус анимус”. Во оваа визуелна вртелешка од претстава е заробен единствениот магичен ловец на сенки, кој ги грабнал сенките на најголемите акробати и циркузанти на сите времиња. А каде ли на друго место слон ќе се претвори во глушец ако не во претстава со сенки?
Последната фестивалска вечер ќе ја одбележи изведбата на претставата „Алиса и чудата“ во 19:30 часот од страна на организаторот на фестивалот Театар “Сенки и облаци”.
Театар „Сенки и облаци“  ја разгледува темата за постоењето на времето како можеби единствениот репер за допир со реалноста. Алиса на своето патување во земјата на чудата среќава разни ликови, секој од нив со свои длабоки верувања за тоа што претставува времето, а кои единственото нешто што ги поврзува е состојбата на истовремен хаос и статус кво.

“Колку е часот?
Предмалку беше 6, a сега е повторно 6.
Засекогаш 6.
Колку трае засекогаш?
Толку нешта се случуваат, а ништо не се променило…”

Во текот на фестивалот ќе биде одржана и работилница со Cia Quase Cinema и Бразилскиот културен центар. Ќе биде поставена и изложба на традиционални кинески кукли за театар на сенки изложени во умешно изработената сценографија од страна на дечињата кои ја посетија работилницата за вешто сечење хартија под водство на Институт “Конфуциј” при УКИМ и Театар “Сенки и облаци”.

А во фоајето на МКЦ ќе биде поставена инсталацијата “Облаче за секое дете” – продажна изложба на светлосни објекти за кои инспирација се небото, облаците и детската слобода. Делата се креирани од реупотребени материјали во рамките на ХОПС, а средствата собрани од продажбата се наменти за децата со кои ХОПС соработува.

Организатор на фестивалот е Театар „Сенки и облаци“ од Скопје, кој со поддршка од Министерството за култура на С.Р.М., Градот Скопје и МКЦ ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.

Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ по цена од 150 денари, како и онлајн на https://bileti.mkc.mk/.

Уживајте во магијата на сенките!

https://www.facebook.com/littlecloudsdream/
https://www.facebook.com/senkiioblaci/

25 НОЕМВРИ
19:30 | СВЕТЛОСНИ ГОДИНИ
Luz Micro y Punto – Шпанија
Сцена Фросина | цена 150
50 мин. / 6+ год

26 НОЕМВРИ
18:00 | ЦРНА ШКОЛА
Фабијан Штроебер – Германија
Џебно кино | цена 150
13 мин. филм + 45 презентација / 15+ год

19:30 | ЦИРКУС АНИМУС
Cia Quase Cinema – Бразил
Сцена Фросина | цена 150
40 мин. / 3+ год

27 НОЕМВРИ
19:30 | АЛИСА И ЧУДАТА
Театар “Сенки и oблаци”
Сцена Фросина | цена 150
30 мин. / 4+ год

Сподели