Ќе се собереме мало друштво и ќе го слушаме Pygmalion. Во придружба на планетариумска проекција.
Петок, 27 февруари, 21 часот.
. . .

Облак од гитарски ефекти, елегична и маглива атмосфера и апстрактен амбиент.
Pygmalion изобилува со префинети атмосферични пејсажи, гласови што одекнуваат и се разлеваат низ вашите звучници и вашето тело додека го слушате, и тоа трае, и трае… Совршен музички луп кој во моментот додека го слушате креира имагинарен универзум наоколу, а ако слушате како што треба, понекогаш ви доаѓа да потскокнете над облаците и ја дофатите ѕвездата. Таа што свети најсилно. Зјапачите во кондури расцветаа, на начин на кој само они можат – шугејзерска пролет. А шугејзерската пролет е по малку мрачна, трансцендентална. Со синтови, гитарски лупови, нежни перкусии и ехо. Некаде помеѓу безбројните слоеви, во етеричен манир, секоја песна изобилува со живост, и покрај меланхолијата што со себе ја носи музиката од ова мало ремек-дело. Во целосно хипнотизирачката атмосфера, на моменти ќе почувствувате изблици на чиста среќа, можеби ентузијазам. Како кога сончевиот зрак упорно се обидува да се протне меѓу облаците. На крајот на ноќта, Pygmalion е албум-химна за хероите на емоционалната повлеченост и интровертност. Pygmalion на Slowdive е албумот што се слуша таму некаде помеѓу ѕвездените констелации. А таму секој слуша како сака.

. . .

*Билетите чинат 100 денари и ќе бидат достапни на билерата на МКЦ почнувајќи од вторник (24.02.2015).
Капацитетот на планетариумот е 70 места.

Сподели