СФЕРА е прво самостојно претставување на авторот и е инспирирано од  долгогодишното духовно работење, себеспознавање и длабоките размисли за постоењето, внатрешните простори-универзуми, целта на живеењето, начинот на меѓусебната поврзаност… На несвесно ниво сите поаѓаме од своето  лично искуство, размислување и доживување и притоа сме силно убедени дека сме во право заради аргументите со коишто во дадениот момент располагаме. Притоа заради лажните претстави создаваме сопствени илузии и состојби во кои се убедуваме себе и другите дека се вистинити, заборавајки на пошироката слика и повисокото добро, кое ги опфаќа различните пристапи, гледања и идеи. Станувајќи свесни за нашата меѓусебна поврзаност како индивидуи во една заедничка сфера, која има свој белег, своја енергија, информации и заеднички искуства, се зголемува нашата свест за заемните влијанија и одговорности. Ослободувањето од ригидниот начин на размислување во кој ЈАС сум секогаш во право води кон отворањето на нови димензии, кои суперпонираат и се преплетуваат во сферата како безбројни можности и перспективи. Со самото тоа до сферата се оди преку надминување на идентитетите поврзани за ЕГОТО во празнот простор од кој се раѓа креативната енергија и бесконечните можности на креацијата.

Д-р Биљана Петановска-Илиевска е редовен професор по предметот Хемија на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ , Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.
Родена е на 25.10.1957 год. во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје, а потоа се запишала на Природно математичкиот факултет (ПМФ) на насоката за применета хемија. Магистрирала и докторирала на ПМФ, Институт по хемија на насоката Аналитичка хемија.
Во периодот од 2001 до 2002 година има посетувано часови за сликање со пастел кај академскиот сликар Јосип Каракаш. Во истиот период учествувала во групна изложба на слики во пастелна техника во Дом на градежници (Дом на култура – Кочо Рацин) во Скопје.

Сподели