ТАКСИРАТ го претставува и новото издание на ПИН музичката конференција. Ова е трето издание на единствената меѓународна музичка конференција во Македонија, која се организира по примерот и во соработка со водечките европски конференции, како повеќедневен европски саем на музичките креативци. Годинава, програмската фокус-земја на ПИН е Словенија, па во рамки на случувањата за време на конференцијата, посебен дел ќе биде посветен на гостите, музичките искуства и музичарите од Словенија. Дел од првите учесници на наше огромно задоволство ќе бидат претставени во соработка со љубљанскиот МЕНТ фестивал кој на ПИН конференција ги претставува новите музички сили на Словенија. Трите музички имиња во нивна селекција и за чии настапи на ПИН тие велат дека не смеете да пропуштите се: KOALA VOICE, ČAO PORTOROŽ и BLAŽ.

Покрај гостите од Словенија, во рамки на ПИН ќе бидат претставени концертни настапни на нови музички таленти од повеќе земји, а финале на овие два дена ќе биде годинашното издание на ЛУЗЕР ФЕСТ, вечерта на 26-ти ноември, со што и ќе биде затворена музичката конференција, а најавено последното одбројување до финалната концертна програма на ТАКСИРАТ 18. Во тој контекст, ПИН конференцијата ќе послужи како база за вмрежување на музичките професионалци и работници, промоција на артистичките вредности и проширување на клутурната размена меѓу регионите.

Благодарение на ПИН, Скопје за време на овие денови се претвора во збирно место на стотици музичките креативци од Европа, вклучувајќи музички промотери, продуценти, менаџери, новинари, здруженија, претставници на најголемите музички фестивали во Европа, млади музичари и експерти од цела Европа кои се активни во организирање и промовирање на културни настани.

ПИН конференција во 2012 година стартуваше како прва меѓународна музичка конференција во Македонија, а во рамки на ТАКСИРАТ таа има посебно место и значење како иницијатива за актуелизирање и развој на музичката сцена кај нас. Во тоа име целиот концепт на конференцијата е осмислен како предизвик и придобивка пред сѐ за музичарите, кои ќе имаат прилика да поминат два дена заедно со дел од најголемите имиња од европската музичка индустрија и директно да бидат вклучени во дискусиите и актуелните теми за музичката уметност и индустрија денес.

Учеството на ПИН конференцијата ќе биде бесплатно за сите посетители од Македонија, но со задолжителна претходна регистрација. Деталите за начинот на регистрирање, како и останатите новости од програмата и гостите на ПИН ќе бидат наскоро објавени.

Сподели