Промоција на романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова

За книгата ќе зборува Душко Крстевски, а извадоци ќе читаат авторката и Ненад Јолдески.

Рекоа за книгата:
„’Некој бил тука’ е психолошки убедлив и вознемирувачки длабок роман; го лови моментот кога болката станува лудило и смрт. Обеспокојувачка драма раскажана на зачудувачки поетичен и смирен начин“ – Никола Гелевски

„‘Некој бил тука’ е тешка приказна за загубата, за болката, за
распаѓањето на едно семејство.(…) Роман кој е толку добро напишан што не треба да се плашите од неговата „страшна“ тема. Во него нема ни ронка сензационализам и маркетиншко калкулантство за освојување што поголем број читатели, нема пози и трендовско атакување на конкретна
публика (…) ‘Некој бил тука’ е вистинска книжевност. Длабока и суштинска, исповрзана и заокружена на сите нивоа. Со видлива филмска монтажа.“ – Оливера Ќорверзироска

„Релативно едноставниот јазичен израз претставува само игра и привид за лесно влегување во неговиот лавиринт, иако романот и поради привидната леснотија и поради обемот може да се исчита за релативно кратко време. (…) А токму во тоа се крие и клучот на естетското уживање во овој роман: сложените работи да се спакуваат во едноставен дискурс, а реалниот хронотоп да иницира мистерија.“ – Маја Апостолоска

Извадок од романот може да прочитате на овој линк:
https://okno.mk/node/73023

* * *

Николина Андова Шопова е родена 1978 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Нејзината прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ (2013, Темплум) ја доби наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО. Книгата потоа е публикувана и на англиски јазик. Во 2014 година ја издава втората поетска збирка „Поврзи ги точките“ (Темплум), која е објавена и на српски јазик. Во 2016 година излегува тријазичен избор од нејзината поезија на англиски, македонски и француски, во издание на Éditions Bruno Doucey.
Нејзини песни се преведени на десетина светски јазици. Застапена е во повеќе антологии на македонската поезија. Освен поезија, пишува и раскази, песни и сликовници за деца. „Некој бил тука“ е прв нејзин роман.

Сподели