Студентите од насоката Индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје, преку одбрани творби, се стремат да го искажат својот оптимистички начин на гледање преку креативно трансформирање на проблемите од сегашноста во можности за креирање подобра иднина. Како повеќето дизајнери, тие ги откриваат проблемите, трагаат по решенија, истражуваат можности, анализираат постоечки решенија, синтетизираат нови концепти и, конечно, ги реализираат своите идеи. Низ овој процес, тие создаваат напредок, нови индустриски производи, симболи, системи и многу повеќе.

Создавањето на нови и возбудливи форми, примената на ергономска интеракција, унапредувањето на функционалноста, економичноста и грижата за животната средина се основни преокупации на творештвото на овие млади автори.

Прикажаните производи се одликуваат со форми кои се вклопуваат во постиндустриските движења, како ирационализмот, натурализмот и минимализмот. Доминира дрвото како обновлив материјал и металот кој е рециклабилен, други природни материјали и поретко пластиката. Прикажаните дела се развиени и изработени во рамките на проекти во текот на наставата по соодветните предмети. За изработка се користени рачни техники, компјутерски модели, нумерички управувани машини, ласерски техники итн.

Дел од одбраните творби се рачно изработени композиции инспирирани од природата, трансформирани со стилизирање, со цел да бидат применети во дизајн на производи.

Меѓу презентираните производи се забележуваат голем број светилки, парчиња мебел, играчки, алатки за приготвување храна и здели за сервирање. Сите тие се создадени со цел да поттикнат интерес, акција и задоволство за секојдневно користење.

Вештината во користењето на различни изразни средства, како цртежи, макети, компјутерски модели, материјали и изработката на функционални прототипови, им овозможи на авторите успешно да ги изразат сопствените согледувања за креативно обликување на современите производи и на тој начин да донесат нови вредности за потрошувачите, компаниите и заедницата.

Изложбата има за цел да го провери интересот на јавноста за прифаќање на ваквата „комерцијална уметност“. Прифаќањето е неопходно потребно за успешено иновирање на ваквите производи.

Машински факултет-Скопје: Татјана Кандикјан и Софија Сидоренко
Фотографија: Васе Аманито
Концепт: Дејан Ивановски
Реализација: Младински Културен Центар-Скопје

Сподели