автор-приредувач и преведувач: Сеида Бегановиќ

„МАЛА АНТОЛОГИЈА НА НЕПРИМЕРЕНИ ПЕСНИ ЗА РАНЛИВОСТА – концепциски е осмислена како избор на поети, кои се овде пригодно обединети (или, судбински запечатени) врз основа на нивната лична – длабока егзистенцијална трагика – врз чијашто позадина потем исконски се надградува и припојува впечатливата и стоичка поетика на (не)вдоменоста, ранливоста, обележаноста со потресни, но, не помалку,  пркосни и, на моменти, духовити лирски исповеди и филозофични поенти.

Оваа концепциски оформена антологија носи силен индивидуален печат и креативен, автопоетички мотив. Со оглед на тематско-мотивските интереси, кои преовладуваат во неа, се покажува и како мошне актуелна, имајќи ги предвид драматичните збиднувања во Босна, но и во светот денес. Започнува со одбрани примери од фунералната лирика, односно, прастарите записи од прочуените босански стеќци, кои извршиле длабинско влијание на поезијата сѐ до денес – а, на кои, потоа, се надоврзува избор од авторите, како што се: Драгослав Дедовиќ, Сузана Ловриќ, Адиса Башиќ, Адмирал Махиќ, Јозефина Даутбеговиќ, Татјана Бјелиќ, Тања Ступар Трифуновиќ, Асмир Кујовиќ, Наида Мујкиќ, Владан Шиповац, Ернад Осмиќ, Рефик Личина, Илија Ладина, Кемал Махмутефендиќ, Дарко Цвијетиќ, Фарук Шехиќ.

Според зборовите на приредувачот на оваа антологија, станува збор за есенцијално предодреден „поети, кои во спротивно (доколку не пишуваат поезија) – не би успеале ниту да преживеат, кои, со сопствените прсти, „копале“ по своите рани штом на нив се зафати мала коричка, но, не пишувале со претензија да бидат големи“, туку, за да го оправдаат и заслужат своето човечко опстојување како изместеници, (себе) прогнаници, малограѓански „аномалии“ – кои требало (или, морало) да се искупат и во наше име за истата онаа „метафизичка неправда“, во која сме сите ние, како балкански современици, сурово фрлени и изложени.

МАЛА АНТОЛОГИЈА НА НЕПРИМЕРЕНИ ПЕСНИ ЗА РАНЛИВОСТА е редок пример на концептуална книга (односно, антологија), составена од низа индивидуални и историски рани, кои се претвориле во песни, та затоа умеат повратно да нѐ здоболат, но и замислат, да нѐ опчинат, но и подучат. Благодарение на нивниот (најчесто) трагичен егзистенцијален предзнак, овие песни и овие автори богато ја натопуваат сочноста и ранливоста на својата автентична поетика“.

Елизабета Шелева, рецезент и промотор

Сподели