Најавата на Password за годинешното издание на Loserfest во целост:

Таксират Фестивал оваа година возобновува една од своите драги традиции посветена на „таксиратот“ на младите и неафирмирани музичари. За да не остане само градска легенда во муабетите за кризата на домашната музичка сцена, по пауза од пет години повторно го најавуваме одржувањето на „Лузер Фест“ и го објавуваме конкурсот за сите млади бендови и музичари за кои „лузер“ е подобар „таксират“ од „тезга“!

„Лузер Фест“ како традиционален предвесник на главната фестивалска вечер на „Таксират“, годинава ќе се одржи на 29. ноември во Младинскиот културен центар во Скопје! Иако првично најавивме дека право на учество со свој настап ќе имаат осумте најдобри бендови од сите пријавени на фестивалскиот конкурс, поради огромниот број на апликации, на наше задоволство „Лузер Фест“ вечерта одлучивме да трае подолго и да имаме 10 финалисти од кои, на 29. ноември сите заедно ќе го одбереме победникот.

Десетте финалисти на „Лузер Фест“ се:
AMBER VIRGA,
CORTEX,
CUTTING EDGE,
KOLT,
PROBLEM SOLVED,
PROJECT 2501,
THE PROTAGONIST,
SKOPJE CREW (SKC),
THE AUTHOR
и
TV RAGE.

Гости на вечерта се:

ВЕРКА (мк)
РЕПЕТИТОР (рс)
HIGH CONTROL (мк)
и
ЛОШИ ДЕЦА (мк).

Што ветува Таксират:
• Победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн“;
• Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка) и „ИНМЈУЗИК“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на нивниот фестивал;
• „ТАКСИРАТ“ фестивал еден од бендовите ќе го одбере да учествува како свој претставник за 2015 година во „ЦЕЕТЕП“ (CEETEP – Central Eastern European Talent Exchange Program) програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.

ВАЖНО:
• „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите 8 групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“;
• Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
• Не примаме песни со семејни и традиционани вредности (тоа на Макфест, Скопски Фестивал, Гоце Фест, Цветници и сите останати места);
• „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи.

Влезниците за „Лузер Фест“ ќе чинат 100 денари!

Сподели