„La Colonie Volvox“ ве покануваат на концертна промоција на албумот „Blue Bird“, која ќе се одржи на 24 декември во Кино Фросина во МКЦ. По долго експериментирање со џез и традиционална музика, со својот шести студиски албум групата се враќа на пишување песни, стихови и аранжмани. Од кабаретската атмосфера на воведните љубовни песни, албумот полека се движи кон жесток блуз и рок, а хуморот и политичките теми ги заменуваат љубовните мотиви во вториот дел од ова издание. Овој материјал беше тест за креативноста и композициските вештини на членовите, кои беа оставени на страна во претходните изданија. По долг период, Volvox се враќаат со електрична постава, а во МКЦ во четврток ќе го свират целиот материјал од албумот, со неколку нови и сè уште необјавени песни. На сцената ќе се појават во следнава постава: Сашо Гигов – Гиш (вокал), Предраг Икономовски (гитара, вокал), Ненад Неделков (гитара, вокал), Филип Димишковски (клавијатури), Драган Стојковски (бас) и Гоце Стефковски (тапани), а како гости ќе се појават Јана Гигова (придружен вокал) и Сашо Ѓорѓевски (усна хармоника).

Сподели