Промоцијата на новата детска книга „Како ги дресираме мама и тато“ од Владимир Петрушевски – Фили, а илустрирана од Наташа Костовска, која ќе се одржи во галерискиот простор на Младинскиот културен центар во Скопје, на 31 октомври, со почеток од 19 часот. За книгата ќе говорат проф. д-р Александар Прокопиев и Бобан Карапејовски.

Целта на оваа интересна книга за деца и возрасни е да се забележат и на тој начин, да станат достапни на пошироката културна јавност (младите и возрасните истовремено) дел од детските „бисери“ на две девојченца во тек на нивното растење (од 2 до 5 години). Опишано е нивното резонирање, поврзувањето на работите, односот меѓу нив и друго слично. Се споредуваат нивните умешности иако станува збор за неидентични близначки, нивниот интерес итн.
Имајќи предвид дека искуството покажало дека разлики постојат дури и кај идентичните близнаци, би се очекувало дека, и покрај фактот што растат во истото семејство, децата ќе покажуваат значајни разлики. Се работи за два целосно различни менталитети на дечиња што истовремено се и биолошки сестри.
Книгата на Петрушевски не само што претставува сведоштво за осознавањето на светот на две близначки, туку отвара и нов жанр во современата македонска литература за деца и возрасни.

Владимир Петрушевски е роден е на 16 септември 1954 година во Скопје. Основното и средното образование ги завршил во родниот град. Се запишал на студии по хемија на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во 1973. Дипломирал на хемискиот факултет во 1978. Магистрирал (1988) и докторирал (1990) на ПМФ Скопје. Објавил голем број научни, стручни и образовни трудови, вклучително и учебници и поглавја во монографски публикации.
Бил раководител на Заводот за физичка хемија при Институтот за хемија на ПМФ (1995–1997), декан на Природно-математичкиот факултет во Скопје (1997–1999); сенатор на УКИМ (2008–2012) и проректор за наука на УКИМ (2012 до денес).
Бил делегат во локалната самоуправа: во Советот на Општина Центар (1996–2000 и 2000–2005) и во Советот на Град Скопје (2005–2009).
Досега има објавено и 4 книги (белетристика): „Викенд во Охрид“, Магор, Скопје, 2005; „Суштества“, Магор, Скопје, 2007; „ЈНА * JNA“, Магор, Скопје, 2008; „Колумнистот“, Три, Скопје, 2011.
Живее во Скопје со сопругата Оља и своите две ќерки, Матеа и Михаела.

Сподели