„Asemic Schreiben“ („Асемантички записи“) премиерно реализирана изложба во Виена (2018), претставува континуитет на проектот Јазикот на ѕидот во Стариот амам во Тетово (2017). Составен е од насликани неврамени платна со нагласена ѕидна монументалност во кои доминира специфичен текстуален графицизам, а конципирани како елементи, кои го совладуваат галерискиот простор на специфичниот ентериер на традиционална османлиска градба како контрапункт на нејзините препознатливи стилски архитектонски содржини.

Слободните мурални платна претставуваат полуапстрактни текстуални записи испишани на јазикот на асемантиката, имајќи предвид дека не само текстуалните инскрипции туку и гестуалните, неформални траги имаат своевидна знаковна носивост, извесна јазична текстура.

Асемантичката форма отвора простор за слободно интерпретирање, го сугерира и/или дедуцира знаењето на апстрактното уметничко дело, се користи со различни симболи, знаци, пиктограми и идеограми, апстрактни графити, нечитливи и недефрирани скрипти, чкртаници, несврзани зборови, калиграфски или палимпсестички кодови, предизвикувајќи го нашиот когнитивен рефлекс, навикнат на препознавање и толкување на визуелниот јазик, најчесто обидувајќи се да се извлече знаење кајшто тоа можеби и не постои.

Во асемантичките „ракописи“ знаењето е сугерирано од обликот на елементите/формите што ги користи. Понекогаш, тоа постои како концепција или „сенка“ на конвенционалната ракописна практика.

Преку својот формат и структура, асемантичкото пишување може да сугерира одреден вид на запис или документ и со тоа да сугерира знаење. Уметничката форма е самиот ракопис, кој се восприема преку естетска интуиција на набљудувачот/гледачот.

Сподели