Промоција на првиот дел од научно-фантастичниот серијал „Последна граница. Книга ПРВА – Истапени сечила“ од Зоран Милошевски, издание на ПНВ Публикации

Промотор и модератор: Јулијана Величковска
Извадоци ќе чита: Тамара Јолевска – Попов

Романот „Истапени сечила“ е уште една нова, единствена научнофантастична авантура од авторот што минатата година го објави својот првенец „Сага за Тројство“.
Оваа приказна нѐ носи во првата половина на 22-от век, кога демократијата како облик на општествено уредување веќе одамна не постои и заменета е со неократијата, милитаристичко општество, чијашто главна и единствена цел е да се зачува планетата Земја и да се поттикне човековата еволуција.
Во времето кога во Европа и Африка царува наследникот на античката Римска империја ̶ моќната Медитеранска Унија, кога Азија ја делат Сесловенскиот сојуз и Синг Федерацијата… кога Јужна Америка е една огромна држава, а од пеплиштата на некогашните САД, се издига молчаливиот Тексашко-алигенски сојуз, во архипелагот острови кај некогашно Чиле, се раѓаат Големите Куќи.
Анести Симон Рико, младиот центурион и поданик на Големата Куќа Рико, ќе се најде во беспоштедна борба за својот и животот на неговите најмили. Борба против останатите Големи Куќи и мистериозното Братство на Интервентите, коешто има свои планови за иднината на човештвото. Борба што ќе ја измени историјата и ќе им даде сосема поинаков тек на настаните.

За книгата рекоа:
„Последна граница: Истапени сечила“ е првиот дел од научно фантастичната авантура, раскошен роман во кој се среќаваме со многу (одлично изградени) ликови, со податливи слики што до најситен детаљ ни го доловуваат овој свет од блиската, но сепак, недостижна иднина, свет со свои уметници и дури и автори чиишто дела се цитираат, со многу набој, разни психолошки состојби, експлозивна акција, беспоштедни битки и блицкриг војни… Зрела и комплетна приказна создавана цели дваесет години. Авантура што целосно ќе Ве обземе и нема да Ви дозволи да мислите на ништо друго, освен на нејзиното продолжение. – Јулијана Величковска

Војводата Анести Симон Рико претендира да стане еден од најмаркантните ликови сретнати досега во научната фантастика! – Дејан Величковски

Сподели