Најголемиот хрватски претставник на панк рок естетиката, бендот ХЛАДНО ПИВО предводен од Миле Кекин, ќе настапи во Скопје во рамки на нивната голема турнеја со новиот албум „Dani zatvorenih vrata“! Познати како мајстори на концертите во живо, со секогаш исполнети и енергични настапи, нема сомнеж дека Хладно пиво на овој концерт во МКЦ ќе приредат вистинско панк-рок ужување.

ХЛАДНО ПИВО доаѓа со респектабилниот опус од повеќе од две децении кариера и последниот албум, најавувајќи енергично концертно пакување! За тоа што претставува Хладно пиво всушност и не е потребно многу да се говори. А за оние што сепак не знаат, ќе споменеме: повеќе од 60.000 продадени носачи на звук, околу 800 одржани концерти секаде во регионот, но и европските земји, огромен број престижни хрватски признанија меѓу кои дури 14 „Порин“ награди, осум „Златни кугли“, две „Црна мачка“, една „Даворин“ награда и најпосетувана интернет страница од сите хрватски бендови. По повеќе од 20 години неуморна панк-рок кариера и стил на живот, како и преполните и успешни концерти, освен што нѐ уверија дека се одлични, момците прераснаа во синоним за најголемиот хрватски панк-рок бенд. Бендот Хладно пиво, познат во регионот по хитовите „Питала си ме“, „Није све тако сиво“, „Само за тај осјечај“, „Пјевајте нешто љубавно“ важи за состав кој, покрај одличната музичка подготвеност, се наметнува и со проникливите текстови, пренесувајќи ја критиката на општественото секојдневие и пораката за социјално свесната публика. Во секој случај група што има што да каже, а тоа особено вреди да се чуе.

Билетите се веќе во продажба на билетарница МКЦ и преку МКтикетс:
- во претпродажба – 400 денари,
- на денот на концертот – 500 денари.

Сподели