Ви го најавуваме концертот на Girls Names и Susijat во МКЦ Скопје. 8 октомври 2016 – ТОЧНО во 20:30 часот.
Поради дупла програма во МКЦ и настан во рамките на de:sonanz фестивалот од полноќ, концертот на Girls Names и Susijat ќе започне без минута задоцнување и ќе заврши најдоцна до 23:00. Бидете точни.
Билети по цена од 250 денари во продажба веќе од 30 август преку продажната мрежа на МК Тикетс и на Билетарница МКЦ.
На ден на концерт билет ќе чини 300 денари.

GIRLS NAMES (Belfast, Northern Ireland)
Оформени во јануари 2009 година, Girls Names се стекнаа со признанија надвор од границите на нивниот роден град Белфаст уште со самото издавање на нивното истоимено дебитантско EP во 2010 година за Captured Tracks. Набрзо потоа следеше мини албумот во издание на лондонската издавачка куќа Tough Love, кој ги постави темелите на нивниот деби албум „Dead To Me“ издаден во април 2011 . По успешната турнеја низ Европа во 2011, во октомври го издаваат синглот Black Saturday. Со него Girls Names почнаа да наговестуваат можно скршнување од нивните често погрешно сфатените сурф и инди-поп корени. И навистина, бендот стана четворка и наредните шест месеци ги минаа во виртуелна изолација усовршувајќи и развивајќи еден попрогресивен и поекспанзивен звук, црпејќи инспирација од мрачната страна на Echo and The Bunnymen, Spacemen 3, Krautrock, Psychedelia, пост-панкот и албумот „Low“ на David Bowie. Го издадоа својот втор албум, „The New Life“, кој имаше светско признание од сите релевантни музички магазини, а концертите не престануваа. Последниот албум Arms Around A Vision, го рефлектира созревањето на бендот, презентирајќи подинамичен пост-панк пристап. Албумот наидува на неверојатно добри реакции, а бендот е веќе дел од програмата на сите значајни музички фестивали.
Албумот е издаден во октомври 2015 за Tough Love.
Во рамки на промотивната турнеја концерт и во Скопје!

SUSIJAT (Ла Кања, Македонија)
SUSIJAT е бенд чија музика го зазема просторот помеѓу колективна импровизација и строга композиција.
Со нивниот отворен пристап кон музиката што ја створаат, често е нејасно во кој правец ќе завршат нивните композиции, што ѝ дава одреден квалитет на музиката како жива и менлива материја. Материја зависна од индивидуалните чувства и размислувања на музичарите и начинот на кој тие ги комуницираат истите меѓусебно, но и со слушателот.
Динамичкиот спектар со кој располага оваа група е исклучително широк, и лежи послан помеѓу кршливото и грубото – од тивки и етерични делници до екстремно гласни и кондензирани звучни ѕидови.
Групата ја сочинуваат музичари со шарено музичко минато – Деан Змејковски (гитара), Лазар Дарковски (тапани), Никола Дрвошанов (бас), Тодор Караколев (вокал). Зад себе го имаат (за сега) единствениот албум Safety in Numbness, издаден за ШАРЛA во 2015 година.
*најавата за Susijat е преземена од Дени Омерагиќ

Сподели