Креативен викенд и post global recordings ви го претставуваат
FRANK BRETSCHNEIDER
LIVE промоција на последниот албум SINN+FORM
Петок , 26 јуни 2015, МКЦ – Кино Фросина, Скопје, 20 ч .
Билети 200 ден., на ден на концерт 300 ден.

Пионерот на современиот германски електронски звук Frank Bretschneider, како дел од европската промоција на новиот албум SINN+FORM со свој концерт и во Скопје!

Албумот SINN+FORM, издаден за реномираната Берлинска електронска етикета Raster Noton, е создаден на Buchla и Serge аналогните модуларни синтисајзер системи за време на Elektronmusikstudion резиденцијата во Стокхолм во јули минатата година. Со овој албум Frank Bretschneider го поместува фокусот од компонирање и генерирање музика со компјутери и софтвер и оди малку наназад кон основите на електронската музика, враќајќи се кон аналогната опрема користејќи ги овие легендарни модули. SINN+FORM за разлика од неговите претходни изданија има различен фокус во пристапот и се вклопува во неговата рецентна идеја за подиректно и интерактивно чувство во компонирањето, добивајќи со тоа поспонтана, импровизирана електронска музика. Звучниот аспект е пропратен со визуелен аспект, кој претставува слика на музиката направен на софтверот гониометар што генерира вид на Лисажуови фигури.

Со албумот Sinn + Form тој ги разјаснува односите меѓу содржината и структурата во музиката и се обидува да најде синтеза на двете. Во овој албум, за разлика од претходните, забележително е и отсуството на ритам, барем во онаа очигледна форма, во смисла на категоријата битови/барови, поставувајќи го аксцентот на импровизацијата. SINN+FORM е исто така еден вид на омаж кон авангардната електронска и импровизирана музика на 20тиот век, неговите влијанија и корени, кои се од суштинско значење за разбирањето на неговиот звук. И покрај тоа што овој албум е по груб од претходните ритмични инкарнации, повторно е електронски и минималистичен, препознавајќи ги во него техно, даб, ИДМ и амбиент влијанијата, менувајќи ги насоките, формулите, стереотипи и клишеата, со тоа добивајќи за него сосема нова форма.

Биографија и дискографија :
Со музиката на Frank Bretschneider се запознаваме преку албумот Curve, раните материјали под псевдонимот Komet, колаборациите со Taylor Deupree, траките поместени на легендарниот компилациски серијал Clicks & Cuts со кој практично се дефинираше еден сосема нов звук, или изданието од серијалот 20′ To 2000, музика создадена како саундтрак за последните 20 минути од 1999тата година, поточно почетокот на новиот милениум. Новиот милениум започна со сосема свеж звук и пристап или она што во тоа време го карактеризиравме преку квалификативот microsound. Од тогаш помина декада и половина и многу што се случи на полето на новата електронска музика, а тоа го прави Frank Bretschneider еден од пионерите на современиот (германски) електронски звук кој пролиферираше од Берлин. Неговите први дела се појавуваа на етикетите кои ги поставуваа рамките и ги поместуваа праговите на овој звук, разгранувајќи го до непоимливи граници: Mille Plateaux, 12k, LINE, Korm Plastics, Shitkatapult и секако Raster-Noton, етикета на којa самиот тој е соосновач.
Frank Bretschneider е музичар, композитор и видео артист кој доаѓа од Берлин и претставува еден од пионерите на новиот електронски звук, а неговата работа е позната по прецизните и комплексни ритам структури и минималистичниот и флуиден пристап. Суптилната и детална музика е проследена со неговите визуелизации: совршено преведени реализации на квалитетите поставени во музиката преку визуелниот феномен. Во 1986, по оформувањето на касетниот лејбл klangFarBe, Bretschneider го основа и AG Geige, успешен и влијателен Источно Германски андерграунд бенд. Во 1995 заедно со Olaf Bender ја основаат и Rastermusic етикетата која подоцна се спојува со лејблот Noton на Carsten Nicolai формирајќи го лејблот raster-noton во 1999. Раните соло дела на Bretschneider се под псевдонимот Komet, почнувајќи со албумот SAAT, кој се појавува во 1996. Од тогаш ја издава својата работа на најразлични лејблови. Албумот CURVE од 2001, вториот албум за Mille Plateaux, беше одлично прифатен од критиката и му донесе на Bretschneider интернационална препознатливост.

http://www.frankbretschneider.de/

Концертот на Frank Bretschneider е во склоп на Soundascape workshop. Повеќе инфо и пријавување на: http://soundscapeworkshop.blogspot.com/
Останати линкови:
www.post-global.com
https://soundcloud.com/kreativenvikend

Сподели