Cafe Europa од Монс, Сараево, Скопје, Сан Себастијан и Калининград ќе го изберат наредната недела победник на “Евровизија за краток филм”

Во рамките на Café Europa Skopje во Младинскиот Културен Центар, ќе се одржи првата активност по официјалното отворање на овој меѓународен проект промовиран од Монс 2015, Европски град на културата. Имено, на 17, 18 и 19 март, МКЦ во соработка со BRIDGES, ќе биде домаќин на филмскиот фестивал “EUROVIDEO 2015” кој е организиран од страна на Videographies и Фондацијата Монс 2015. Оваа т.н. “Евровизија за кратки филм”, ќе се одржува во Театарот во Белгискиот град Лиеж, а тридневната манифестација ќе биде симултано пренесувана во Café Europa локалите во Монс, Сараево, Скопје, Сан Себастијан и Калининград. Наградените дела ќе бидат прикажани и на белгиската национална телевизија.

На програмата се 24 кратки филмови кои доаѓаат од 17 различни Европски држави, а меѓу нив за свое место се избори и краткиот македонски филм под наслов “I want to abuse” од младата режисерка Наташа Неделкова.
Паралелно со натпреварувачката програма, свој специфичен придонес ќе имаат и трите “Carte blanche” (не натпреварувачки) програми : “Ludwig Forum” од Ахен кои на оригинален начин ќе ја прикажат видео арт историјата на Германија, Белгија и САД, “Duplex 100m2” од Сараево кои ќе отворат посебен видик кон различната и културно богата видео арт заедница во БиХ, како и “Tabakalera” од Сан Себастијан кои ќе го прикажат победничкото видео од нивниот последен Фестивал на Филмските академии.

Првите два дена се гласачки и натпреварувачки каде по проекциите, секој од публиката ќе има можност да гласа за петте најдобри филмови од селекцијата. Третиот ден е прогласувањето на наградените и прикажувањето на победничките филмови.
Најдобрите во категоријата Films and Videos ќе имаат можност да се здобијат со следните награди: “The Innovation Award for Technology or Treatment (1.500€)”, “The Innovation Award for the Most significant content (1.500€)” и “The European Audience Award (1.500€)”, каде Македонија е во конкуренција за European Audience Award наградата.

Проекциите се бесплатни и ќе се прикажуваат во Café Europa – Skopje, лоцирано во Кафулето во МКЦ со почеток во 20.30 часот.

Повеќе информации за настанот можете да најдете на официјалната страна на организацијата Videographies, http://www.videographies.be/en/.

Сподели