DOG EAT DOG доаѓаат со самостоен концерт во Скопје

Американскиот кросовер бенд DOG EAT DOG, во рамки на својата пролетна турнеја за 2014 година, ќе ја посети и Македонија! DOG EAT DOG, групата која зад себе има 24 години постоење, конечно ќе настапи со свој самостоен концерт пред македонската публика, кој е закажан за 15 мај 2014 година, а ќе се одржи во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

Домашната публика го памети одличниот, прв и до сега единствен настап на DOG EAT DOG кај нас, кој се одржа во 1995 година во рамки на „Т Фестивал“ во Скопје, а речиси 19 години подоцна, овој енергичен состав повторно доаѓа во Македонија и тоа со својот прв самостоен концерт. Наскоро ќе бидат објавени повеќе информации за концертот и влезниците.

Dog Eat Dog е американски бенд од Њу Џерси, основан во 1990 година кога беше дел од хардкор музичката сцена на Њујорк и Њу Џерси. Со членови кои денес живеат во Њу Џерси, Вашингтон и Европа, бендот за себе вели дека е базиран на сите три локации. Dog Eat Dog беше еден од првите бендови кои почнаа да комбинираат хардкор и рап, стил кој подоцна прерасна во стандарден музички израз. Групата постигна комерцијален успех со сингловите како “No Fronts”, “Expect The Unexpected” и “Who’s The King” – кои го покажуваат токму нивниот уникатен спој на хардкор, рап и саксофон. Од нивниот прв албум па сѐ до денес, а особено во последната декада звукот на бендот еволуираше до вклучување на елементи од фанк, ска и хип хоп музиката.

Dog Eat Dog до сега има објавено четири студиски албуми, од кои првиот „All Boro Kings“ се појави во 1994 годна. Албумот и хитовите кои тој ги претстави, на Dog Eat Dog им го донесе првиот комерцијален успех, кој резултираше и со освојување на наградата за најдобар нов артист на музичкиот канал „Ем-ти-ви“ во 1995, победувајќи ги во категоријата артистите како Alanis Morisette, Portishead и Weezer.

Последниот албум „Walk With Me“ групата го објави во 2006 година, враќајќи се на сцената со микс од музички стилови кои ги освои старите фанови, но привлече и многу нови вљубеници во нивниот стил. Новите песни како „M.I.L.F.“, „Hell Yeah“, „E.S.B.“ и „Cannonball“, најдобро ја демонстрираа својата енергичност на настапите во живо и ја излудуваа публиката на секој настап. Во рамки на турнјета за овој албум, групата настапи на повеќе од 35 летни фестивали и 40 клубови во 2006 година. Откако неколку години по ред, стандардно одржуваа помеѓу 50 и 80 концерти, Dog Eat Dog решија да направат пауза од турнеите и во 2008 настапија само на еден голем фестивал. Но, во 2009 година, повторно се појавија на турнеја низ Европа, организирана во чест на 15-годишнината од првиот албум. По, повеќе промени во составот кои бендот ги имаше во својата кариера, од 2010 година Dog Eat Dog повторно го обедини својот оригинален состав, прославувајќи ги 20те години постоење на бендот во чиј знак е и годинашната турнеја.

Оттогаш приказната продолжува… Очекувајте го неочекуваното!

Сподели