Централната идеја на книгата е содржана токму во неологизмот на Горан Стефановски, кој од двајцата митски ликови Дедал и Икар прави еден, Дедикар Икарал, кој се родил со крило на левата рака и со ѓуле на десната нога. Практично, во овој неологизам е содржана целата метафора за лирскиот субјект, кој стреми кон височините, но поради својата телесност не може да се одвои од земјата (угоре небо / удолу тело).

Ѓоко Здравески е роден во 1985 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Осум години работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш. Соработува со електронското списание Блесок (www.blesok.mk) како уредник за поезија и со електронскиот месечник за култура и уметност Репер (www.reper.net.mk). Од јуни 2014 година, заедно со Ана Голејшка, ги организира книжевните вечери Астални проекции, кои се случуваат секој прв вторник во месецот во кафето Менада.
Пишува поезија, кратка проза и есеи. Има објавено четири книги поезија на македонски: Палиндром содве н (2010), куќичка за птици-преселници (2013), љубавина (2016) и дедикар икарал (2017). Заедно со уште неколку поети од Србија и од Македонија ја има објавено книгата Торту кроз прозор (поезија, 2010). Неговите стихови се објавени во неколку антологии на младата поезија: Ван кутије, антологија нове поезије ЈУ-простора, (2009), Нов македонски хаику-бран (2011), Ветерот носи убаво време, антологија на најмладата македонска поезија и проза (2012), Лирски додекамерон, антологија на младата македонска поезија (2012). Преведуван е на десетина европски јазици и учествувал на десетина европски фестивали за поезија. Од 2015 година е дел од платформата Версополис, каде што поезијата му е објавена во три книги: house for migratory birds(англиски/ македонски), zadnji avtobus skopje – niš (словенечки/ англиски/ македонски) и ciało pamięta wszystko(полски/ англиски/ македонски).
Преведува поезија, проза и есеи од српски, хрватски, босански, но и од македонски на српски.
Објавени преводи:
• Коса насекаде. Скопје: Темплум, 2016 (роман, превод од хрватски);
• Biber 01. Beograd/Sarajevo: Centar za nenasilnu akciju, 2016 (проза, превод српски/хрватски/босански, група преведувачи);
• Пишувачот. (прир. Весна Мојсова-Чепишевска). Скопје: Македонска реч, 2012 (проза, превод од српски, група преведувачи);
• Tortu kroz prozor. Niš: 2010 (поезија, превод од македонски на српски);
• 12. жени. гласови. (прир. Весна Мојсова-Чепишевска). Скопје: Македонска реч, 2008 (проза, превод од српски, група преведувачи).

Сподели