„Барутни облаци“ е  храбар и иновантен роман!

Ликовите од романот, некои со илузии, а некои без нив, всушност се немоќни во вителот на општествените и политичките дејствија. Без оглед на нивните верувања или неверувања во таканаречените „виши“ идеи, од типот на верата, нацијата и слично, всушност сите се жртви, без моќ како било да влијаат врз своите судбини и животи. И таа несреќна судбина не исклучува никого, по ниту една основа.

Разрешницата на овој тип антагонизми никогаш не доведува до среќен крај. Ниту „Барутни облаци“ не е исклучок во овој поглед. Но, сепак, авторот мошне умешно ја спротивставува вербата наспроти верата. И тоа вербата во животот и во љубовта. Дури и тогаш кога се чини дека сите бродови се потонати и дека нема повеќе ниту надеж, вербата во животот и силата на љубовта можат да ја направат ситуацијата не само поднослива, туку и пристоен простор за егзистирање.

Ваков среќен спој на формата и содржината, заедно со големата идеја што овој роман сака да ја пренесе, го прават романот „Барутни облаци“ исклучителна појава во македонската современа литература“.

Ѕвездан Георгиевски

 

Бранислав Ѓорѓевски (32) е роден, живее и работи во Скопје, каде што дипломира на студиите по нoвинарство на Правниот факултет. „Барутни облаци“ е негов прв роман. Досега има издадено две збирки раскази, „Сите тие краеви“ (2012) и „Северно од сонцето“ (2015) преведена и издадена и на германски јазик под насловот „Бегство од балканската рута“ (Abseits der Balkanroute).

 

*******

ПИСМО СЕДМО

„Овде, на фронтов секој ден се губи човечноста. Талкаме наоколу без ниедна емоција, која би нѐ водела. Освен стравот. Но не страв како чувство, туку стравот како состојба. Стравот како секојдневие. Ми се чини дека веќе не стравуваме за тоа дали ќе преживееме, туку се плашиме што ќе биде со нас откако ќе преживееме. Што ќе биде со нас после ова? Дали ќе постои вода, која ќе е доволна да ги измие сите крвави дамки од нашите души? Дали ќе постои место, кое ќе е доволно да ги собере сите наши каења? Дали ќе постои време, кое ќе е доволно да ја исчисти нашата совест? Ти текнува ли на честите моменти во кои ти се жалев дека нагло снемувам инспирација? Дека како некој со прекинувач да ми ги исклучил сите мисли? Епа сега е така со чувствата. Не чувствувам, Елеонора. Ни љубов, ни бес, ни тага, ни омраза ни среќа. Како веќе да се изморив од она силно недостигање. Јас веќе не можам да си дозволам ниту ден повеќе во кој не би те имал, и тука едноставно не можам да си помогнам“.

Сподели