Во четврток на 4.4.2019 година почнуваме со работа на проектот Арт и музикотерапија за деца со посебни потреби – ЧЕТИРИ ГОДИШНИ ВРЕМИЊА – ВИВАЛДИ. Проектот е поддржан од Град Скопје. Работилницата ќе се одржи во Детскиот креативен центар со почеток во 10 часот, со 6 – 10 дечиња со посебни потреби. Работилницата е отворена за сите граѓани, а поканети се и деца од посебните училишта „Иднина“ и „Златан Сремец“. Во рамки на проектот ќе се одржат четири едукативни работилници за кои дополнително ќе ги соопштиме датумите.

Ликовната уметност и музиката се единстевени форми на невербална комуникација на една личност, посебно е интересна детската личност во сите периоди на развој, како кај здравите деца, така и кај децата со посебни потреби. Ова е особено важно, како за помалите, така и за децата во периодот на пубертет и адолесценција кога влијанијата на средината се многу силни врз личноста и може да дојде до многу несакани појави.

Користејќи ја арт и музикотерапијата, изразувањето на чувствата ќе оди полесно дури и кај децата со посебни потреби, нивните емоции се разликуваат од емоциите на возрасните луѓе, тие се едноставни (страв, радост, тага, гнев) и децата спонтано ги изразуваат. На училишна возраст детето почнува да ги прикрива емоциите, затоа често се користи ликовниот израз со музичка стимулација за поголема и појасна изразност на емоционалната состојба и емоционалните доживувања.

Учениците слушајќи ја дадената класична музика, истите уметнички визуелно ја претставуваат емоцијата што ја почуствувале, препознале, за потоа вербално да ја опишат.

Нашата задача е да се делува на себеспознавање преку музико-арт работилниците.

Слушање музика – 4 годишни времиња – ВИВАЛДИ – Учениците ја слушаат музиката неколку пати, на пример музиката за годишното време зима. Разговор – како се чувствувале додека ја слушаат истата музика. Секој од нив зборува за емоцијата што ја доживеал, што почуствувал, на што го потсетила таа музика… Се насочуваат да размислуваат за зимата како годишно време. Таа емоција треба да ја претстави со цртеж апстрактен или конкретен со која било техника. Со завршување на цртежите секој од нив индивидуално дава краток опис на истиот и ги истакнуваме на ѕид. Под секој цртеж запишуваме карактеристична реченица што ќе ја заклучиме сите заедно. Од сите цртежи изработуваме краток расказ, извлекуваме наслов на цртежот.

Истите активности ќе следат и за останатите годишни времиња.

Изложбата ќе биде отворена во ДКЦ при МКЦ во текот на декември месец.

Сподели