Во Младинскиот културен центар во периодот од 26 – 27 март 2014 година свое претставување ќе имаат едни од позначајните регионални филмски фестивали од Србија, фестивалот ALTERNATIVE FILM/VIDEO и BALKANIMA во организација на Академскиот филмски центар од Белград.

Академскиот кино клуб, a подоцна познат како Академски филмски центар е основан во домот на култура Студентски град од Белград во 1958 година. Во текот на годините од своето активно постоење како и благодарение на многубројните режисери чии филмови биле создавани во рамките на овој филмски центар, многу бргу тој прераснува во еден од најзначајните и најнаградуваните филмски клубови во Србија. Со преку 500 филмски наслови и видеа настанати во Академскиот филмски центар како и поради огромната колекција на алтернативни филмови, оваа организација ја создава и Архивата на алтернативен филм која има задача да се грижи за овој филмски израз како значајно културно наследство.
Покрај големиот број на проекции и предавања на темата алтернативен филм, филмски школи и работилници, Академскиот филмски центар е организатор и на два значајни фестивали: ALTERNATIVE FILM/VIDEO (1982 – 1990, 2003…) како и Меѓународниот фестивал на анимиран филм БАЛКАНИМА од 2004 до денес. Со просек од 15 продуцирани филмови годишно, Академскиот филмски центар е место каде младите автори можат непречено да ги истражуваат многубројните можности на филмот и видеото како медиум.

БАЛКАНИМА – Европски фестивал на анимиран филм
Овој фестивал е основан 2004 година во домот на култура Студентски град на иницијатива на професор Никола Мајдак, кој е воедно и уметничкиот директор на фестивалот. Мисијата на овој фестивал е стимулација и промоција на регионални анимирани филмски продукции, како и воспоставување на меѓународна соработка и размена со земјите од регионот и секако, европските центри. Една од најголемите задачи на овој фестивал е да постави основа за обука на младите автори во текот на многубројните активни работилници за време на фестивалот.
Во рамките на претставувањето на овој фестивал во Скопје, публиката ќе има можност да ги види најнаградуваните филмови од изминатите изданија на фестивалот.

ФЕСТИВАЛ ALTERNATIVE FILM/VIDEO
Фестивалот Alternative film/video настанал 1982 година како фестивал на југословенскиот алтернативен филм и видео, во склоп на програмските активности на Академскиот филмски центар во домот на култура Студентски град. Оваа форма ја задржува сè до 1990 година, кога прекинува со постоење поради целосната стагнација на алтернативниот филмски израз на овие простори. Во 2003 година , повторно возобновениот фестивал прераснува во меѓународен фестивал на алтернативниот филм и видео чиј главен фокус претставува продуцирање на овие врсти на филмови на просторот на бившата република. Целта на фестивалот е да ги воочи, теориски да ги дефинира движењата во оваа специфична филмска област како и да укаже на вредностите и создавачките можности во областа на алтернативниот филм и видео.
Во рамките на овој фестивал не постојат официјални награди, освен “Листата на значајни кинематографски остварувања на фестивалот” која ја селектира меѓународно жири. Авторите чии филмови можат да се најдат на оваа листа, се стекнуваат со можност за реализација на својот нов филм/видео во резиденцијалната програма на Академскиот филмски центар ДКСГ.
Програмата која ќе биде прикажана во рамките на претставувањето на овој фестивал во Скопје е составена од филмови кои биле дел од листата на значајни кинематографски остварувања на претходните три изданија на фестивалот:
The Swimmer, Salise Hughes, SAD, 4:00
Gradually, Benjamin Ramirez Pérez, Nemačka, 6:00
The Residency, Ioannis Savvidis, Nemačka / Irska, 25:00
Infinity, Milan Zulić, Srbija, 3:00
Square Dance Hypnotist/Hipnotički kvadratni ples, Allan Brown, Kanada, 17:00
Pain So Light It Appears as Tickle, Dalibor Barić, Hrvatska, 4:00
Schneesturm / Snowstorm, Julia Weißenberg, Nemačka, 11:00
Miss Candace Hilligoss’ Flickering Halo, Fabio Scacchioli & Vincenzo Core, Italija, 14:00

www.balkanima.org
www.alternativefilmvideo.org

 

Сподели