Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар од Скопје под диригентската палка на Ванчо Јовчев со свечен концерт ќе го одбележи својот 35 годишен јубилеј.

Во четврток на 27 април во 20 часот, во салата „25 Мај“ (Дансинг сала) на МКЦ,  членовите на оркестарот од сите генерации собрани по овој убав повод ќе изведат дела од Бах, Огински, Брамс, Пучини, Марчело, Вагнер, Хрисиќ, Трајковски, Бранѓолица,… како и неизбежното „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски.

Солисти ќе бидат: Здравко Ангелов – кларинет, Гонце Богоромова – сопран, Јане Дунимаглоски – тенор и Ана Димовска – обоа.

Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар (некогашен Дом на млади „25 Мај“) е основан во далечната 1981 година од академскиот музичар Рамадан Шукри. Низ годините зад диригентскиот пулт застанаа и нашиот врвен диригент Сашо Татарчевски, а на една од турнеите во Португалија како гостин-диригент и Вања Николовски Ѓумар. Во моментов со ансамблот, освојувач на врвни државни и меѓународни награди и признанија, раководи Ванчо Јовчев. Повеќе од 3 децении оркестарот добиваше стоечки овации, освен од домашната, и од публиката во Португалија, Шпанија, Белгија, Полска, Чешка, Австрија, Данска, Шкотска, Унгарија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Грција, Бугарија,…

Опстојувањето и програмата на Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар се реализираат со поддршка од Министерството за култура на Република  Македонија и Град Скопје.

Сподели