Младинскиот културен центар од 04 март 2015 ја презема активноста на дебатниот филмски клуб „Лале“ кој успешно функционираше во кафулето „Менада“ во изминатите две сезони.
Активноста на клубот одсега ќе се одвива во посоодветни техничко -просторни услови, односно во џебното кино на МКЦ. Клубот ќе функционира како непрофитна активност на МКЦ (проекциите се бесплатни) со идеја филмот да биде претставен во неговата уметничка димензија и притоа во непосреден разговор и дебата публиката да ги сподели своите критички и естетски судови и ставови по проекцијата на секој филм.
Клубот, природно има и едукативна улога, со намера преку сопствени оценки и дискусија за филмовите, да ги поттикне креативните размисли на филмофилите.
Програмата која ви ја нуди дебатниот филмски клуб „Лале“ е грижливо селектирана и е составена од филмови со врвни уметнички референци, но и такви кои се значајни по своето силно влијание, или се значајни заради контроверзноста, авангардноста и деликатноста било во тематска или естетска смисла, секако и оние кои се издвојуваат со својата храброст, провокативност и конечно, филмови кои имаат силен авторски печат.
Во уметноста па и во филмот „годините не се важни“, важен е само духот на човечката инспирација и идеја.
Селектор на програмата и модератор на дебатите е нашиот искусен филмски критичар Влатко Галевски.
Проекциите се одржуваат секоја среда со почеток во 20 часот во џебното кино на МКЦ.
Ве очекуваме на активно и пријателско филмско другарување.

ПРОГРАМА ЗА МЕСЕЦ МАЈ
ЏЕБНО КИНО МКЦ / ВЛЕЗ СЛОБОДЕН
(Секоја среда во 20 часот)

06 мај
HUNGER (Sult),”Глад”
Данска, 1966, р Henning Carlsen, 112 мин.
Година 1890. Како да се остане достоинствен и горд кога талентиран писател нема за храна. Глад, како сурова реалност и метафора. Порази и страдања…според ремек делото на нобеловецот Кнут Хамсун.

13 мај
HAMSUN
Гер/Нор/Шве/Дан/ 1996, р. Jan Troell, 159 мин.
Екранизирана биографија за славниот норвешки писател Кнут Хамсун и контроверзите околу неговата идеолошка ориентација, средбата со Хитлер, отпорот кон англискиот јазик…и безвременското актерство на Макс вон Сидов.

20 мај
SKRIVANCI NA NITI (“Птица на жица”)
Чехословачка, 1990, р. Jiri Menzel, 94 мин.
Златна мечка, Берлин
Во бурните транзициони времиња по Втората светска војна, “буржујските елементи” беа упатувани на рехабилитација…на отпад, и професорот и млекарот и саксофонистот… Пародија, комедија, сатира… живот.

27 мај
VIRIDIANA
Шпанија/Мексико, 1961, р. Luis Bunuel, 90 мин.
Златна Палма, Кан
Драма, црна комедија за калуѓерка која е опсипана со бизарна страст на нејзиниот богат вујко… Таа одлучува да прави добри дела, но новите околности доведуваат до апсурдни ситуации.

 

 

Сподели