МакеДокс-фестивалот за креативен документарен филм, кој ќе се одржи од 14-20 јуни во Куршумли Ан и МКЦ, во рамките на своето 5. издание организира и мастер класови на кои предавачи ќе се режисерите чии филмови ќе бидат дел од програмата на фестивалот.

Мастер класовите ќе се одржуваат секојдневно од 15-ти до 20-ти јуни со почеток од 10.30 до 12.00 часот во МКЦ, по што ќе следи проекција на филмот на кој мастер класот е посветен.

Оваа година главно мото на МакеДокс е ПРИРОДНО. Па така потсетувајќи се на таа природност и спонтаност, која некогаш беше толку спонтано и природно нормална, се потсетивме и на креативниот процес кој некогаш течеше така нормално, спонтано, природно… Верувајќи дека документарните филмови се создаваат низ еден креативен процес, директно поврзан со животот и со црвецот во авторот, решивме на овие мастер класови гласно да проговориме токму за она што се случува во утробата на режисерите. Оние кои ќе бидат дел од овие мастер класови ќе можат преку личен контакт и спонтани разговори со режисерите да го осознаат нивниот процес на работа и искуство. Тие со особено задоволство сакаат да го пренесат тоа до сите, посебно до младите, идни филмаџии, поттикнувајќи ги да размислуваат и дејствуваат природно, се со цел утре нивните филмови да бидат дел од програмата на МакеДокс.

Природно, МакеДокс!

Сподели