Овој фотографски проект како идеја е зачнат на Флорида, САД, 2016 година и е инспириран од една игра/вежба, наречена СТОП, популаризирана од руско-ерменскиот мистик, филозоф, духовен учител и композитор, Ѓорѓи Иванович Гурџиев (1872 – 1949).

Многу учени напоменуваат дека елементите на играта во една култура се важен дел од животот на човекот. И навистина, на пример, Сумерите, Асирците, кои живееле векови наназад, во земјите кои сега се нарекуваат Историска Ерменија (од Таврос до Месопотамија) и поширокиот кавкаски регион, го познавале значењето на играта, театарот и уметноста, впрочем како и античките народи од балканските простори.

Самиот Ѓорѓи Иванович Гурџиев ја презеде оваа позната СТОП вежба од старата традиција за да ја покаже важноста на присутноста. Како деца, се секавам, ја игравме оваа игра, без да го знаеме нејзиното значење и без да знаеме кој е Гурџиев.

Денес, барем на нашите простори, таа игра е заборавена, но може да се видат деца како сѐ уште ја играат оваа игра во Ерменија и на ерменски се нарекува  „ЗГАСТ“ што може да се преведе како внимание и присутност, во најдлабокото значење на зборот.

Сподели