Скопската Музичка Конференција е прва од таков вид во земјава и има амбиција да прерасне во легитимен и релевантен ануален музички настан. Идејата и реализацијата потекнува од дискографските куќи ПМГ Рекордингс и Дроп Сериес, водечки на независната сцена, која со децении е основен креативен двигател на современата македонска музика. Основната идеја на оваа конференција е да обрне внимание на згуснатиот квалитет на современата домашна музика, сосем игнорирана од медиумите и повисоките инстанци. По пат на средби, дискусии, промоции и заедничко искусување на музика од различни стилови, се надеваме да го подигнеме нивото на циркулација и квалитет на она што многу се работи, а малку се комуницира во Македонија.

Се разбира, за вреднување на домашната музичка продикција, постојано ја доведуваме во корелација со актуелната светска, па оттаму и интенцијата за што е можно поквалитетни имиња од надвор на конференцијата. Оваа 2014 планираме неколку музички настани (танцови и концерти), предавања, дискусии и неколку промоции на нови домашни музички изданија. Еве и неколку имиња околу кои ќе се вртат главните настани на Скопската Музичка Конференција 2014: Дејв Мадерсол (Англија), Котон Ферокс (Шведска), Карл Абрахамсон (Шведска), Александар Пејовски, Падот на Византија, Канал 103, Александар Видиновски, Мирко Попов, Нино Наумов итн.

Со овој настан, Скопје ќе се стави на мапата на градови кои имаат своја музичка конференција и ќе биде дел од културниот проток на цивилизираниот свет, со што јасно покажува дека се грижи за сопствените културни вредности.

Сподели