Книжевна вечер на која ќе бидат промовирани две книги поезија на 12-годишната Марија Јанчевска: „Сентиментални отпечатоци на времето“ и „Солза“.

Оваа поезија го растоварува зборот од непотребните конотации, прецизно ги определува вистинските значења во секој израз што сака соодветно да ја објасни духовната субјективност на авторката, оваа поезија умешно ја создава целосната слика на секое чувство, го опишува дури и секој важен детаљ на сентименталната сегашност, а не заборава дури и да ја истакне секоја впечатлива насока на размислување. Рефлексивниот идентитет на оваа поезија покажува зрела мисла, убедливи фрази, длабочини што извираат од авторовото себство, оваа поезија дури и негува искрен немир што смело се фаќа во костец со неправедната логика на судбината. Марија е доста речита кога ги гради тврдините на зборот во кои умешно ги сокрива потенцијалите на значењата, вешта е во одмерувањето на силата на изразот кој наменски е вперен кон појавата што е предмет на опсервација, умее да ги разбие стереотипите со ненадејни силни зборови. Интерпункцијата е соодветно одбележана и има цел да создаде орална впечатливост, да ја надитри тишината со автентичен стандарден македонски јазик, да го крене гласот за да ја одбележи личната вистина, да го предизвика бескрајот и да остави лични траги во впечатливите конотации што ѕиркаат од потсвеста.
Марјан Костовски

Сподели