По неколкугодишното поетско пријателување двете поетеси доаѓаат до една убава и пријатна идеја, да се спојат во поезијата онака како што се споиле во животот. Затоа решаваат да објават една заедничка книга со поезија во превод. На тој начин, не само што прават мост помеѓу пријателството и поетската страст, туку и создаваат можност и начин да им се претстават на читателите од другата страна на границата, на нивниот мајчин јазик.

Нивната книга е со двоен налов: „Симбиози“ – Катарина Фиаменго / „Политички коректна поезија / Љубољубива“ – Елена Пренџова.

Катарина Фиаменго (Белград) како авторка не инсистира на формата на песната. Таа ужива во слободниот и краток стих и релативно кратките песни. Едноставноста на стихот и поетските мотиви кај Катарина се одликуваат со мајсторство на внимателност на деталите и зграбување на деловите од моментот. При читањето на нејзината поезија, читателите се во состојба да почувствуваат благопријатна меланхоличност, па дури и отрезнувачко чувство за монотоноста на секојдневието. Преку стиховите на Катарина најбледо секојдневните мигови добиваат сосема ново доживување и прикажување.

Елена Пренџова (Скопје) е енергична и продорна поетеса, без разлика дали се работи за нејзините интимни доживувања (каде што се дава себеси безрезервно и искрено, детски неизвалкано ги дели своите чувства, искуства и желби) или се работи за социјални теми (каде што гласно зборува што и како, каде и кому треба), така што е сосема разбирливо што се пронаоѓа себеси во слем-поезијата.

Се гледаме во МКЦ.

 

Сподели