ГОЛЕМИ ЛОШИ ВОЛЦИ
(Mi Mefached Mehaze’ev Hara)
14 декември (понеделник) 20:00 ч.

Година: 2013
Времетраење: 110′
Жанр: трилер
Режија: Навот Папушадо, Ахарон Кешалес(Navot Papushado, Aharon Keshales)
Играат: Лиор Ашкенази, Ротем Кејнан, Цахи Град (Lior Ashkenazi, Rotem Keinan, Tzahi Grad)

Серија брутални убиства ги спротивставува животите на тројца луѓе: таткото на последната жртва во потрага по одмазда, детективот доброволец, кој дејствува надвор од границите на законот и главниот осомничен за убиствата – наставник по религија, уапсен и ослободен поради груба грешка на полицијата.

 

ОГНЕНИОТ ЗМЕЈ
(Drakon Haesh)
15 декември (вторник) 20:00 ч.

Година: 2015
Времетраење: 2 епизоди/25′
Жанр: документарен
Режија: Гилад Голдшмит (Gilad Goldschmidt)
Продуцент: Даниел Паран, Гилад Голдшмит (Daniel Paran, Gilad Goldschmidt)

1 година, 2 родители, 3 деца, 9 милиони квадратни метри, 40 000 километри, 1 старо противпожарно возило. ОГНЕНИОТ ЗМЕЈ го следи неверојатното едногодишно патување на семејството Херманови низ Азија. Тие поминуваат 40.000 километри во старо противпожарно возило што го преправиле во патнички караван. Ајре (44) и Ронит (41) Херман, религиозно семејство од Галили, со трите деца (13, 11, 8) тргнуваат на авантуристичко патување од Тајланд во Лаос, Камбоџа, Кина, Казахстан – по Патот на свилата – сè до Кипар. Тоа патување е исполнување на сништата, но, уште поважно, и можност за спас на нивниот брак и на кршливото семејно единство. Тие се караат, се расправаат, се смеат и плачат. Запознаваат егзотични култури, доживуваат авантури што ги оставаат без здив; мразат и љубат. Го истражуваат значењето на зборот „дом“ и на поимот „семејство“.

 

ПОПЛАВА
(Mabul)
16 декември (среда) 20:00 ч.

Година: 2010
Времетраење: 100′
Жанр: драма
Режија: Гај Натив (Guy Nattiv)
Играат: Јоав Ротман, Михаел Мошонов, Ронит Елкабец (Yoav Rotman, Michael Moshonov, Ronit Elkabetz)

Сè е комплицирано во животот на Јони. Тој има безмалку 13 години, вистински е надарен, но физички недоразвиен и катаден грчевито настојува да порасне пред неговата „Бар Мицва“. Продава напишани домашни задачи за да собере пари за чудесните стимулирачки бодибилдинг прашоци без никаков ефект, секоја ноќ ги јакне нозете со тегови и со сета сила вреска спроти ветрот за да си го здебели тенкиот, девствен, нестабилен глас поради кој го добил подбивниот прекар – Хелиум. Неговите нови соученици, постари една година и за две глави повисоки од него, го малтретираат во секоја можна пригода, а неговите родители речиси и да не зборуваат еден со друг, туку комуницираат преку него. Згора на сè – само една недела пред церемонијата – неговиот аутистичен седумнаесетгодишен брат Томер, со години наназад скриен во интернат што е затворен, се враќа дома. Тоа го разнишува животот на Јони, но и нестабилните темели на целото семејство.

 

ОВА Е СОДОМА
(Zohi Sdom)
17 декември (четврток) 20:00 ч.

Година: 2010
Времетраење: 90′
Жанр: комедија
Режија: Адам Сандерсон, Мули Сегев (Adam Sanderson, Muli Segev)
Играат: Орна Банај, Аси Коен, Маор Коен (Orna Banai, Assi Cohen, Maor Cohen)

ОВА Е СОДОМА во детали ја раскажува приказната за раѓањето на еврејскиот народ и за појавата на монотеизмот во заднината на последната недела од историјата на озлогласениот град Содома, библиската престолнина на забавата, коцката, сексот и корупцијата. Деталниот приказ открива дека библиската реалност не е поинаква од реалноста на Израел во 21 век – џунгла, во која секој човек „копа со раце и со нозе“ само за себе. Таткото на нацијата изнудува од Господа спас за роднината Лот, злиот крал на Содома докажува дека власта ќе го поткупи дури и најсправедливиот човек во градот, жената на Лот одново го дефинира опортунизмот, дури и ангелите, кои се назначени да ја спроведуваат правдата откриваат дека е совеста безвредна во матни времиња. Сепак, најважно е дека – прв пат по толку години – филмот ОВА Е СОДОМА претставува обид за заживување на традицијата на „откачени“ израелски комедии со големо количество детинест хумор и смешни ликови.

Сподели